За будалите

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Зошто решив да пишувам за будалите? Затоа што конкуренцијата во денешно време е огромна и неисцрпна и затоа што будалите се еден од производите што Македонија го произведува во фантастично големи количества. Со будалите е исто како и со умрен човек, сите знаат дека умрел, само тој не знае. Во секојдневниот живот постојано се среќаваме со будали затоа што тие се секаде околу нас, живеат околу нас, со нас, во нас. Дури и во секојдневниот говор зборот будала е постојано присутен и често употребуван во најразлични ситуации и прилики. Кога некој нема да застане на пешачки, викаме „види го будалава“, кога ќе видиме нешто што многу ќе нè изненади или вознемири, гласно коментираме „што направи будалава“ или кога сакаме некому да му кажеме дека е залуден секој дијалог со некого, викаме „не вреди да се објаснуваш, тој е будала“. Будалите  се неисцрпен извор на глупоста која, за жал, денес се смета за доблест.

Будалите постојат и ќе постојат сè додека постои човештвото и тие докажуваат дека се најотпорен вид суштество кое постои на Земјината топка. Уште нашите предци го согледале постоењето на будалите и ни оставиле еден куп поговорки и мудри изреки. За будалите пишувале и многу познати и влијателни личности и ни оставиле многу совети и насоки како да препознаеме една будала. Што е будала? Кој е будала? Какво е влијанието на будалите врз општеството? Кому му требаат будалите? Кому треба да му бидеш будала­? Ова се само дел од прашањата кои се наметнуваат кога ќе го изговориш зборот будала.

Навистина што е будала? Ако погледнете во речникот, не можете а да не заклучите дека за будалите не постои точна дефиниција туку значењето е изведено преку синоними што се движат од глупак, незнајко, слабоумник, неразумен па сè до кретенчиња, дилајла и забеган. Ако погледнете што се пишувало за будалите и како ги дефинирале низ времето, ќе дојдете до заклучок дека и не е толку лесно да ги дефинирате будалите со еден збор или реченица, најверојатно затоа што будалите и нивната будалштина се бескрајни и безвремени. Старите кажале дека ќе препознаете будала по тоа што во зима носи шапки, а во лето шубара, но не сите будали носат шапки, ги има многу и без неа, најверојатно затоа што и немаат потреба да ја штитат празната глава. Други пак тврдат дека будала можеш да препознаеш по пет работи – лесно се лути, дава подароци или привилегии на оние што не ги заслужуваат, се труди околу неважни работи, не разликува пријатели од непријатели и ги открива и своите и туѓите тајни. Трети пак тврдат дека будала е оној што мисли дека другите не мислат.

Сепак, и покрај сето напишано и кажано не е толку лесно да препознаете будала во првиот миг, особено ако молчи. Но, ситуацијата е сосема поинаква ако ја отвори устата, тогаш сите сомневања ќе ги снема и ќе знаете со кого имате работа. Будалите не се раѓаат како будали туку будала се станува и за тоа постојат многу начини, а не е потребен некој голем труд и желба, напротив, недостаток на труд и желба да работите на себе и својата надградба, своето знаење и умеење, да работите на својата личност и карактер многу бргу и лесно создава будала. Будала може да се стане со дејствија и постапки на некој друг и тогаш викаме дека некој друг прави будала од нас или можеме да станеме будала со своите постапки и тогаш викаме дека самите од себе сме направиле будала.

Будалите имаат голема предност пред умните затоа што се секогаш задоволни со себеси и сметаат дека она што тие го мислат е единствена и неоспорна вистина, а нивните постапки се умни и мудри. Тие се гордеат со она од што умен човек се срами. Будалите со својата бесрамност, отсуство на секаква логика и памет и својата бројност влијаат и го креираат и нашето општество, општествените односи и вредности и јавното мислење. Дури тврдат некои научници, будалите влијаат и на нашето здравје и тоа преку стресот од кој, верувале или не, 110 милиони луѓе умираат годишно. Како најчести причини за стресот, според спроведените истражувања на Здружението на америкaнските психолози, се наведуваат парите, работата и семејството. Во рамки на работата, стресот го опишуваат како последица на комуникација со будали или будала во рамки на работата а како последици се јавуваат: бес, замор, недостаток на интерес и мотивација, главоболки, недостаток на апетит и сексуални проблеми. Сетете се само колку пати кога ќе се јавите кај близок кој е на работа и кога ќе му го слушнете гласот кој е вознемирен ќе ви прошепоти – имав проблеми со онаа будала за која ти кажував.

Будалите се многубројни и добро распоредени во нашето општество по принципот што поголема будала, толку повисока општествена позиција и функција. Будала секогаш наоѓа уште поголема будала да го слуша и следи и нивниот број расте со геометриска прогресија.

Недостатокот на домашно воспитување, како последица на растурање на семејството и негова деградација, негирањето и напуштањето на традиционалните вредности, деградација на моралните вредности, немање капацитет за надградба  со многу слаба образовна основа, разнебитеноста на општеството и немоќта на државата и нефункционирање на системот во целост  се само дел од причините за растот на бројот на будалите и нивното преземање на владеење со системот. Затворањето на очите пред вистината  и нереагирањето на другите, како и апатијата и чувството на безизлезност и бесперспективност кај другиот дел на општеството го овозможува зголемувањето на бројот на будалите и создава ситуација во која будалите успеаjа да се наметнат и да го преземат системот на владеење. Таквата состојба пак создава ситуација и чувство дека будалите веќе не се будали туку сосема спротивно, тие сега стануваат нормални, а сите други будали.

Не се будалите виновни за ваквата состојба на работите затоа што од будала не можете ништо друго ни да очекувате освен будалштина, туку за ваквата состојба сме виновни сите ние кои се сметаме за нормални и ги препознаваме будалите и нивните будалштини, но не преземаме ништо тоа да се спречи или смени како секојдневна состојба. Личниот интерес и комфорната зона која најголемиот број луѓе не сакаат да ја напуштат измешана со страв остава простор и можност будалите да управуваат со нас, да се богатат, изживуваат и просперираат во општеството и државата. Молчењето и тргањето настрана и неспротивставување  на нормалните по принципот „ма пушти го, тој е будала, јас ли со него ќе се расправам“ нè доведе до состојбата во која сме.

Милиони државни пари се одлиени и завршиле во приватни џебови на функционери и тајкуни, а за тоа ниту има истрага ниту постапка ниту е на повидок некаква конфискација на имотот на таквите ликови. Ветувањата на секоја партија која доаѓа на власт е дека тие состојби ќе се расчистат, но штом ќе седнат во функционерските фотелји завршуваат со безброј недоветни изговори и оправдувања, а веќе создадената практика на пљачкање продолжува на истиот начин само под други имиња. Ако згора на тоа го додадете фактот дека за добар дел од криминалот во изминативе години постојат докази и снимки со кои лесно може да се влезе во трага на парите и начинот на извршување на кривичните дела, а никој досега никого не  повикал на одговорност, не можете а да не сфатите дека и во обвинителството и судството нешто не „штима“ и дека со третата власт управуваат и раководат исти или слични со оние што треба да ги гонат и судат. Во законодавната власт состојбата не е ништо подобра затоа што таа е само бледа сенка на она што треба да биде и е верен извршител на извршната власт. Дигањето рака по желба на извршната власт без размислување и свој став ги прави пратениците бескорисен и непотребен трошок за буџетот или народните пари, како што тоа некој милува да го каже, иако тие пари многу одамна ниту се народни ниту се за народот. Дневниците за патувања и трошоците што секој месец дел од пратениците ги подигаат на касата полнета од „народните пари“, а кои износи се неколкукратна годишна плата на една шивачка, само го прави чувството на бесперспективност уште погорчливо.

Секојдневното правење на „будала“ на дел од функционерите кои се под лупа на јавноста и новинарите само го зајакнува тврдењето за бројот на будалите и нивната присутност во општеството и тоа на највисоките позиции. Правењето пак „будала “ од народот кога се спинува определена непријатна ситуација или настан од страна на власта и обидот да се маргинализира проблемот или тој да се изменаџира по желба на партијата со најмалку можна штета и загуба и со сокривање на вистината, уште повеќе го деградира општеството и создава добра почва за размножување на уште поголем број будали.

Не треба многу за народот што го прават будала да почне и самиот да се прави будала. Оценувањето на очајните состојби во општеството како добри, затворањето на очите пред вистината и полтронското малоумно бранење на погубните потези на раководството на кое било ниво и влијанието на будалштините на лидерите се само почеток во кој народот што го прават будала станува народ што се прави будала. А будала никому не му треба освен на друга будала, а ЕУ не е ниту сака да се прави будала.