За БРТ системот во Скопје ќе треба и нов мост на Вардар

Бас рапид транзит системот беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, а за него Собранието донесе закон, додека државата се задолжи кај ЕБОР


 

Воведувањето на железницата како дел од јавниот превоз и почетокот на БРТ системот претставуваат клучен чекор кон модерно и еколошко Скопје, смета премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше на увид на ремонтот на првата линија на градскиот воз од Зелениково до Железничката станица во Скопје .

„Овој систем ќе ја растовари гужвата, но уште поважно, ќе ја намали емисијата на штетни честички во воздухот. Ова е проект со силни еколошки ефекти“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека македонската Влада сериозно ја сфаќа борбата против загадувањето и дека новите транспортни решенија ќе имаат траен ефект врз квалитетот на живот во градот.

„Ние сме свесни дека чуда преку ноќ не се прават, но овој проект е еден од оние кои ќе контрибуираат кон чист воздух и подобар урбан живот. Посебно сум среќен што конечно го отпочнуваме и БРТ системот, кој ќе биде комплетиран со нов мост преку реката Вардар. Сигурен сум дека кога сите овие проекти ќе се заокружат, ќе видиме значително подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на сообраќајниот хаос во Скопје“, додаде премиерот.

Бас рапид транзит системот беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, а за него Собранието донесе закон, додека државата се задолжи кај ЕБОР. Сепак, со години советниците во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не го гласаа спроведувањето на овој систем. 

ВМРО-ДПМНЕ повторно не го поддржа проектот БРТ во Скопје