За автопатот Кичево – Охрид ќе требаат уште пари, но и повеќе време да се заврши
Премиерот Мицкоски не прецизира уште колку пари ќе бидат потребни, ниту од кого ќе се земат, но објасни дека е тоа поради дополнителни работи на свлечиштата

За автопатот Кичево – Охрид ќе бидат потребни дополнителни средства, но по сѐ изгледа и неколку месеци повеќе до целосното пуштање во употреба. Ова денес го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по отчетот во Царинската управа за резултатите од работењето.
Мицкоски не прецизираше уште колку пари ќе бидат потребни за завршување на автопатот, ниту од кого ќе се земат, но објасни дека е тоа поради дополнителни работи кои не биле предвидени со проектот, меѓу другото и за санирање на свлечишта на делницата кај Ботун, за кои рече дека биле уште попредизвикувачки од десетте кои се меѓу Кичево и тунелите кај Пресека.
Владата вчера свечено пушти во употреба 17 километри од автопатот Кичево – Охрид, којшто е во вкупна должина од 57 километри, иако само пред еден месец најавуваше дека ќе бидат пуштени 40 километри од автопатот, со прекин кај Ботун. Во меѓувреме, оваа километража очигледно се „стопи“, но од друга страна се зголеми финансискста рамка и рокот кој самата Влада си го зададе овој автопат да биде завршен до крајот на 2026 година. На проблемите со свлечиштата укажуваа и од претходната Влада, но тогаш не стануваше збор за зголемување на кредитот.
Изградбата на автопатот, проектиран со вкупна должина од 57 километри, почна во 2014 година и од првично предвидените 374 милиони достигна вредност од 598 милиони евра. Не е завршен и покрај неколкуте анекси на договорот со кинески „Синохидро“ со кои беа продолжени роковите.
Новинарите денес, прашувајќи го премиерот кога може да се очекува целосно пуштање на автопатот, а не дел по дел, посочија дека и покрај пуштањето на една делница, тој и натаму останува голем предизвик за возење до и од Охрид, особено на одредени делови каде што е навистина небезбедно. Исто така, прашањето се однесуваше и на обвинувањата од СДСМ дека станува збор за „фушерај“, но и за динамиката на другите автопатишта во изградба.

„Јас не би го коментирал СДСМ, мислам дека имаат многу поважна работа од тоа да излегува со вакви пораки во јавноста“, рече Мицкоски, додавајќи дека опозициската партија прво треба да се консолидира „бидејќи се соочува со уште еден дебакл на уште едни избори кои што ќе се случат набргу од денеска“.
Во однос на динамиката на изградба на автопатот Кичево – Охрид, кој што е дел од Коридорот 8 Мицкоски посочи дека пред осум месеци состојбата била „до никаде“.
„Се работеше во три смени, се работеше жестоко, се работеше посветено и резултатот од таа посветена работа се овие први 17 километри, иако делницата е 20 километри. Но, делот каде што се скршнува накај Пресека до тунелите не е пуштен во употреба, бидејќи таа делница од Врбјани до Кичево е исто така во должина од 17 километри, дополнително треба да се заврши, бидејќи 10 свлечишта кои што за жал останале заборавени и сега се направени проекти и тие треба да се стабилизираат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека очекува многу брзо, во август, да се отпочне со нивно стабилизирање.
„Очекувам до декември, еве да оставиме малку простор, да речеме првиот квартал 2027 година и тоа да биде завршено“, рече премиерот.
Тој објасни и дека кај дел од петте километри од месноста кај селото Ботун исто така има шест свлечишта и дека тие се можеби поголеми и попредизвикувачки. Проектите за нив биле веќе готови и очекува во август да отпочне нивната реализација.
„За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот, бидејќи, за жал, тоа не било предвидено во минатото“, рече Мицкоски.
Тој исто така објасни дека се привршува секцијата од Климештани до Охрид, во должина од 17 – 18 километри кои што очекува до крајот на август да бидат пуштени во функција.
„Со што, од вкупната делница од 57 километри, некаде 34-35 километри до крајот на август ќе бидат автопатско решение, минус оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево кои што очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година, почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал 2027 година“, рече Мицкоски.
Од Владата и од надлежното Министерство за транспорт до неодамна најавуваа пуштање на 40 километри од автопатот до крајот на јуни.
Во меѓувреме, овие 40 километри се намалија на 17, а рокот наместо до крајот на јуни се развлече до средината на јули.
Така, министерот Александар Николоски во неколку наврати најавуваше дека „до почеток на летната сезона ќе пуштиме за сообраќај околу 40 километри од автопатот Кичево – Охрид на потегот од Врбјани до Охрид, а до крај на 2026 година како што ветивме ќе го изградиме целиот автопат“.
И директорот на Јавното претријатие за државни патишта Коце Трајаноски, само пред еден месец зборуваше за пуштање на 40 километри автопат, односно делницата од Врбјани до Охрид, со прекин кај Ботун.
„Граѓаните, туристите, сите оние кои доаѓаат, возат, во Охрид или се враќаат оттаму ќе можат да возат по нов асфалт. Прекинот кај Ботун е поради тоа што патот би требало да биде од десна страна на Ботун, а таму има големи косини, големи свлечишта, кои треба да се санираат…Свлечиштата кај Ботун се врзани со останатите свлечишта кај Кичево, од Кичево до Врбјани. Ние интензивно работиме со Градежниот факултет, работиме со Кинезите, се правеа геоистраги, се правеа околу шест и пол километри дупчења за да се добие составот на земјиштето на овие овие косини, бидејќи тие во добар дел се нестабили. Овие геоистраги се при крај, околу 40 отсто се веќе завршени. Врз основа на нив проектантите проектираат модели и типови на заштита на тие косини, на стабилизација“, рече Трајановски за Сител.
Оние кои што викендов возеа до Охрид и назад кон Скопје, меѓутоа, укажуваат дека и натаму влезот и излезот од Охрид е несреден, како и дека има уште многу активности кои што треба да се завршат, за оваа секција да биде „тип-топ“.
Исто така, никој од надлежните до сега не спомена дека ќе требаат уште пари за завршување на автопатот.
Пред нешто повеќе од една година, во април лани, тогашниот министер за транспорт Благој Бочварски тврдеше дека има средства за решавање на 13 нови свлечишта на автопатот во изградба Кичево-Охрид и покрај пролонгирање на рокот за изградба. Тој тогаш посочи дека важно е што побргу да се направат техничките решенија за свлечиштата коишто се појавија и да продолжи реализацијата и градбата.
„Има сѐ уште средства коишто се ставени на располагање за да бидат реализирани, токму поради тоа не се побараа нови средства за реализација на овој автопат. Значи, средства има. Важно е да се направат побргу техничките решенија за свлечиштата коишто се појавија и да продолжи реализацијата и градбата на оваа делница од Коридорот 8“, рече Бочварски во април лани, при увид во изградабата на брана на река Отиња во Штип.
Во однос на другите проекти, пак, премиерот Мицкоски денес рече дека се работи со силно темпо на изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани, каде што е отворен фронт на повеќе од 75 проценти. Исто така со несмалена динамика се работи автопатот Тетово – Гостивар, како и автопатот Прилеп – Битола, кој што очекува дури и пред време да бидат завршени.