За Албанија зелено светло, за Македонија вето


ЕРОЛ РИЗАОВ

Геополитичката стратегија на бугарската влада се насочува кон тоа Македонија од фактор на стабилност во регионот да се претстави како „јаболко на раздорот“. Монструозното решение би било крвав расплет во конфликти меѓу Албанците и Македонците, распаѓање и поделба на Македонија

 

Честа да ги соопшти на европската и македонската јавност последните две камчиња што недостасуваа во мозаикот на доктрината на бугарската влада и на државниот врв на Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, ѝ припадна на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Онака патем, да не се сетат Власите, таа активира два проектила со осиромашен ураниум врз меѓуетничките односи во Македонија.

Првиот проектил е Македонија е тоталитарно општество, па затоа не ги исполнува условите за почеток на преговорите, а Албанија има голем напредок во исполнување на европските услови и за неа е запалено зеленото светло. И вториот уште помалку видлив, но еднакво опасен, за големите пречки на македонската администрацијата за бугарските бизниси во Македонија.

Ова е нешто сосема поразлично и многу поопасно од зачудувачките и несфатливи за Европа и светот на одамна  познатите бугарски аспирации кон Македонија, сега преточени во билатерални блокади за македонскиот јазик и ставање на историските прашања на европската маса. Станува сѐ појасно дека се работи за дестабилизација на Македонија која ја навестува натамошната бугарска стратегија за поттикнување на внатремакедонски конфликти и за поделба на македонската држава со меѓуетнички судири и со изнудување, надвор од економските законитости и со неекономски повластени позиции, за преземање македонските компании и ресурси. Геополитичката стратегија на Бугарија се насочува кон тоа Македонија од фактор на стабилност во регионот да се претстави како „јаболко на раздорот“. Монструозното решение би било крвав расплет во конфликти меѓу Албанците и Македонците, распаѓање и поделба на Македонија.

Достигнувањата во меѓуетничките односи во Македонија се трн во окото на силните националистички и крајно десничарски и левичарски струи во целиот регион. Европскиот пристап на Македонија за решавање на меѓунационалните односи на  мултикултурно и мултинационално и повеќејазично општество, станува неподнослива формула за примена на европските стандарди на Балканот.

Но, податливи се и нашите лесно запалливи внатрешни судири на тој план во примената на високите демократски вредности. Тензичните меѓуетнички и меѓупартиски односи во земјата и покрај напредокот сѐ уште се плодно тло и силен мотив да се спречи еден таков развој на демократијата и во државите  на западниот Балкан.

Зеленото светло за Албанија и ветото за Македонија на подолг рок најмалку е добар гест и не е порака до Албанија, туку сериозна закана до Македонија. Тоа е поттикнување на  Албанците во Македонија, кое ако се преведе на разбирлив јазик значи: ако Албанија оди напред и ако е поблиску до целта зошто тие би живееле во изолирана и блокирана „тоталитарна“ земја без европска перспектива. Во една таква конфликтна ситуација, без оглед што трите држави се членки на НАТО, нема да им биде тешко на разузнавачките служби да предизвикаат меѓуетнички внатрешни судири кои водат кон нова поделба и приклонување кон Албанија и Бугарија, особено ако се преземат и економските ресурси.

Овие последни агресивни закани ги откриваат мотивите зошто Бугарија се одлучи на тврдо вето уште на стартот, иако во процесот на преговори има стотини позиции кај што може да ја запре Македонија, или да ја врати назад во повеќегодишните преговори со ЕУ.

Ова мора да биде многу сериозен повод Европската унија да обрне исклучително големо внимание за опасностите од ваквите стратегии на целиот западен Балкан. Практично, по распадот на Југославија нема држава која не може да го блокира соседот поради десетици билатерални, јазични, историски, територијални и други спорови. Можете да замислите како тоа би изгледало меѓу Хрватска и Србија, меѓу Босна и Србија, Босна и Хрватска, Србија и Црна Гора, Србија и Косово, Србија и Македонија. Секој секого може да стопира ако се прифати преседанот на Бугарија.

Албанија и Македонија имаат добри и пријателски односи со јасно искажана силна поддршка меѓу двете земји за евроатланските интеграции. Ниту еден релевантен македонски политичар, или релевантна политичка партија, нема јавна изјава која навестува било какво попречување на Албанија во нејзините европски аспирации. Напротив, во секоја пригода таа поддршка од заеднички интерес е јасно и недвосмислено искажана.

Дали Европската унија и влијателните европски држави и Америка ќе ја согледаат оваа опасност во ветото и заканата на Бугарија за целиот регион, на што укажуваат и некои храбри бугарски аналитичари, или ќе ја игнорираат преокупирани со своите тешкотии и големи теми, тешко е да се каже со сигурност.

Она што е досегашно искуство е дека Европа во вакви околности секогаш доцни. Македонија мора за својата безбедност да покаже силна демонстрација на единство, не само во меѓуетничките, туку и во меѓумакедонските и меѓупартиски односи. Тоа би бил најдобриот одговор на ваквите закани. За тоа имаме добро искуство од крвавиот распад на Југославија, чии последици сѐ уште траат. Ако тогаш единствено ние успеавме од југословенските републики да стекнеме независна држава по мирен пат, без ниту една жртва, зошто сега не би успеале да ја сочуваме и да ја обезбедиме европската иднина.

Тоа би бил најголемиот доказ дека стабилноста на државата е многу посилна отколку што претпоставуваат стратезите на раздорот. Иницијативата за единство и надминување  на внатрешните конфликти треба да тргне од претседателот на државата Стево Пендаровски, како што во критични моменти тоа им успеа на неговите претходници Киро Глигоров и Борис Трајковски.