За 45 милиони евра повеќе пари за земјоделците, но и нов модел за субвенционирање

Дополнителна поддршка ќе добиваат земјоделците кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги


 

За земјоделството во 2023 година се проектирани вкупно 193 милиони евра што е за 45 милиони евра повеќе во однос на Буџетот за 2022 година. Најголем дел од средствата односно 140 милиони евра се наменети за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од кои 114 милиони евра за да се спроведе најголемата реформа во овој сектор – промена на моделот на субвенционирање.

Со овој модел се предвидува авансна и навремена исплата на субвенциите за да можат земјоделците навреме да се подготвуваат за новата производствена сезона. Дополнителна поддршка е планирана за оние земјоделци кои ќе инвестираат во производство на стратешките култури.

– Во 2023 година започнува најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведува новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците ќе имаат авансна исплата на субвенциите. Ќе ги добиваат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство. Во тој контекст, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната втора прес-конференцијата од серијата што ќе бидат одржани во следниот период за главните аспекти на Предлог буџетот за 2023 година.

Според Ковачевски, вака проектираниот буџет ќе обезбеди одржливо и зголемено домашно производство на храна, капитални инвестиции и модернизација на македонското земјоделство.

– Нашата крајна цел е да имаме повеќе домашна храна, да не зависиме од увоз, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци, подвлече Ковачевски.

И наредната година продолжува реализацијата на Планот за производство на храна заедно со Интервентната програма, кои, согласно тековните состојби, ќе се дополнуваат со нови мерки за помош на земјоделците и за зголемување на домашното производство на храна во услови на криза.

Силен фокус ќе биде ставен и на капиталните инвестиции во земјоделството односно на системите за наводнување. Во првиот квартал на следната година се очекува да биде пуштена браната Конско која почна да се гради пред три ипол години, а за чија реализација беа потребни 40-тина милиони евра. Следната година завршува и изградбата на хидросистемот Равен-Речица во вредност од 15 милиони евра, а продолжува изградбата на браната Речани…

Следната година почнува и изградбата на двата откупни центри во Струмица и Ресен и на „Агрофуд платформата“ во Скопје, како и поддршката за малите винарии, младите земјоделци и жените земјоделци.

Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, буџетот за земјоделството има развојна компонента, со фокус на реформите. Буџетот, како што рече, е креиран домаќински, без непотребни трошоци и со вклучени мерки за штедење.

– Во 2023 година храна ќе има доволно со зголемена површина, со сите нови мерки, со сите нови програми, со авансната и навремена исплата на субвенции, подвлече Николовски.

Новиот модел на субвенционирање, како што појасни, е разговаран со сите релевантни земјоделски здруженија и со него не се намалуваат субвенциите.

– Ставаме ред, ги елиминираме недостатоците или неправилностите што се констатирани. На ова работиме од почетокот на годината, прво со земјоделците коишто се вклучени во сите потсекторски групи. Последните состаноци се одржуваат и оваа и претходната недела и со нив заедно зборуваме за кој било дел од реформата. Поединци коишто биле погодени од тоа што земале на некој начин субвенции, а не произведувале или се наоѓаат во елиминирањето на манипулациите што досега можеби биле научени да ги прават, не се земјоделците кои произведуваат храна и кои домаќински и вредно работат во македонското земјоделство, рече Николовски. 

Во однос на исплатата на субвенциите за лозарите, Николовски најави дека тие ќе бидат исплатени веднаш штом биде донесен буџетот, поточно пред Свети Трифун, празникот на лозарите.

– Исплатата започнува со новиот буџет, со носење на програмите и една од првите исплати ќе е токму за лозарите. Таа традиционално се исплаќа пред Св. Трифун без никаква селекција, со една одлука, со еден потпис на директорот, со редно решение и во еден ден исплата со повеќе милиони евра, рече Николовски, одговарајќи на новинарско прашање.