За 12 милиони евра ќе се реконструира болницата „8 Септември“ во Скопје – ќе добие седум нови сали

Проектот за реконструкцијата на Градската општа болница „8 Септември“ ќе чини 12 милиони евра. Ќе се реконструира кровот, ќе се создадат подобри услови за лекување, ќе се набави современа апаратура и болницата ќе добие седум нови операциони сали.
Парите за овој проект се обезбедени од „Тав Македонија“, турската компанија која требаше да го гради карго-аеродромот во Штип, а во јуни 2021 средствата беа пренаменети во изградена на инфраструктурни проекти во општините.
Од Министерството за здравство неодамна најавија дека „8 Септември“ ќе стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес.
За денеска е најавена заедничка конференција за медиумите на премиерот Христијан Мицкоски и на вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски кои ќе го најават почетокот на реконструкциите на охридскиот аеродром и на скопската болница.
Според најавите на премиерот седум операциони сали ќе добијат современи апарати и европски стандарди.
-Ќе добиеме европски услови во таа здравстевен установа, неколку операциони сали ке бидат со светска апаратура по европски стандарди, ќе се реконструира и кровот бидејќи протекува. Неможе некој доктор да оперира и да му тече од горе, за жал некој тоа не го видел последниве десет години, а ние тоа го видовме, изјави Мицкоски и рече дека сите документи за отпочнување на реконструкцијата се веќе потпишани и деновиве ќе биле објавени деталите
Минатата недела на прес-конференција, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски кажа дека Владата планира да ја стави на пауза идејата за изградба на нов клинички центар поради демографскиот пад на населението, од една страна, но и неискористените капацитети на ГОБ „8 Септември“ кои можат значително да го растеретат постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“.
-Дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ГОБ „8 Септември“, изјави Клековски.
ГОБ „8 Септември“ има 150 квадратни метри со болнички кревети наспроти Старата Градска болница, сегашна „Свети Наум Охридски“ каде што има нешто повеќе од 30 квадратни метри. Дека е потребна реорганизација на здравството стои и во последниот извештај на Светската здравствена организација .
–Морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор, изјави Клековски
Почетниот буџет на ФЗО за годинава е 53,4 милијарди, за 7 милијарди поголем од ланскиот.