Вотсап, Фејсбук и Инстаграм се вратија на корисниците по големиот глобален прекин
WhatsApp, Facebook, Threads и Instagram повторно се на интернет по масовниот глобален прекин што зафати неколку апликации во сопственост на Мета.
„Ви благодариме што останавте со нас. Сега сме на 99 проценти, само што ги правиме последните проверки. Им се извинуваме на сите погодени од овој прекин“, рече Мета преку социјалната мрежа „Икс“.
Повеќе од 22.000 корисници пријавиле проблеми со Facebook во средата навечер, додека 18.000 се мачеле да користат WhatsApp, според веб-страницата Downdetector.
Проблемите ги пријавија корисници од Велика Британија, делови од Европа, Азија, Австралија, Јужна Америка и САД.
„Се вративме, среќни пораки“, рече WhatsApp преку X откако проблемот беше решен.
„Ииииии, се вративме. Извинете за чекањето и благодариме што останавте со нас“, објави Инстаграм.
Проблемите започнаа во средата навечер, а веднаш штом почнаа да пристигнуваат извештаи од корисниците, Мета објави дека има „технички проблем што влијае на можноста на некои корисници да пристапат до апликациите“ и дека работат на поправка што е можно поскоро.
Корисниците пријавиле различни проблеми, од неможност целосно да ги користат апликациите до потешкотии при освежување на доводот.
„Свесни сме за одредени проблеми со пристапот до WhatsApp. Активно работиме на решение и ситуацијата веќе се нормализира за повеќето корисници. Очекуваме дека наскоро се ќе биде во ред“, велат од WhatsApp.
Платформите на Мета се меѓу најпопуларните во светот, а Facebook има повеќе од три милијарди активни корисници месечно.
Најголемиот прекин Мета го доживеа во 2021 година, кога основачот на компанијата Марк Цукерберг лично се извини. По тој повод Facebook, Messenger, WhatsApp и Instagram не работеа речиси шест часа.