Вучиќ за пишувањето на Нова: Се што е напишано е лага, имаме многу фер односи со Русија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги отфрли како неточни наводите на весникот Нова во текстот со наслов „Грушко брзо ја напушти Србија, Путин не сакаше да му се јави на Вучиќ“ и порача дека се што е напишано е лага, и да Србија има многу коректни односи со Русија. Се огласи и Министерството за надворешни работи со порака дека текстот на Нова е дезинформација, јави дописникот на МИА од Белград.
-Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, набргу по средбата со Александар Вучиќ во Белград ја напушти Србија, незадоволен од епилогот на средбата, пишува Нова.рс., наведувајќи го како причина одговорот на Вучиќ на прашањето како српското оружје завршува на украинскиот фронт т.е дека Србија нема влијание каде по продажбата ќе заврши нејзиното оружје. На руската страна не и се допаднало и тоа што дводневната посета на Грушко се одвивала без соодветно медиумско покривање, што официјален Белград го објаснил со фактот дека се под голем притисок од Западот.
На овој текст на Нова доцна синоќа реагираше и Министерството за надворешни работи.
-Очигледно е дека намерата на авторите и нарачателите на оваа дезинформација е да шират дезинформации за карактерот и природата на односите меѓу Република Србија и Руската Федерација за да предизвикаат политички тензии и поделби кај нас, да предизвикаат политичка штета на државниот врв на нашата држава на чело со претседателот Вучиќ, но и нанесување штета на угледот на Србија во меѓународната заедница, се наведува во соопштенеито на МНР.
Реагираше и претседателот Вучиќ.
-Се што е напишано е обична лага. Сакам да ги информирам граѓаните дека имаме многу коректни односи со Руската Федерација, дека никогаш не сум се обидел да разговарам со Путин, но интересно ми е како тие што се колнат во наводно западни вредности, а кога е напад врз власта во Србија, за неполни 24 часа стануваат најголеми русофили. Толку за принципите. Ги прашувам и очекувам одговор, кога и преку кого сум изразил желба да разговарам со рускиот претседател, а бидејќи знам дека тоа не се случило, се надевам на едно мало извинување? Не на мене, туку на граѓаните што ги измамија, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.