Вучиќ вети дека ќе го изгради Националниот стадион за 250 милиони, но тоа всушност ќе чини 1 милијарда евра


Изградбата на Националниот стадион во Србија ќе чини речиси четири пати повеќе отколку што со години најавуваше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше откриено во официјалните документи на Фудбалскиот сојуз на Србија.

Имено, Фискалниот совет на Република Србија на својата официјална веб-страница ја објави „Евалуацијата на ревидираната фискална стратегија за 2025 година со проекции за 2026 и 2027 година“.

Во тој документ, во делот од извештајот што се однесува на националниот стадион што српската влада планира да го изгради во Сурчин, се наведува дека вкупните трошоци ќе изнесуваат речиси една милијарда евра.

„Така даночните обврзници добија увид во бројни важни информации кои претходно не можеа да ги знаат. Сега е јасно дека некои големи проекти ќе чинат многу повеќе отколку што првично беше најавено, на пример, трошоците за изградба на Националниот стадион со придружните објекти сега се се проценува на 112,4 милијарди динари, односно 960 милиони евра“, се наведува во документот.

Имено, во 2021 година беше објавено дека изградбата на националниот стадион ќе чини 257 милиони евра.

„Враќање на вложените пари се очекува за 37 години“, стои во Прелиминарната физибилити студија за националниот стадион од 2021 година.

Капацитетот на стадионот ќе биде приближно 52.000 седишта, а во рамките на објектот ќе бидат изградени и трговски центар, фудбалска академија, а можеби и музеј на Фудбалскиот сојуз на Србија.

Тамошните медиуми пишуваат и дека на стадионот ќе оди редовна белградска железничка линија. Се наведува и дека националниот стадион треба да се вика „Србија“, како и дека овој стадион ќе и овозможи на Србија да се пријави за домаќин на едно од големите клупски натпреварувања, како што е финалето на Лигата на шампионите или Европската лига.