Вучиќ: Србија ќе користи летечки автомобили од 2027 година


Александар Вучиќ (Фото: Б. Грданоски)

Целта на Србија е да почне да користи летечки автомобили во земјата во 2027 година, изјави вечерва во Давос српскиот претседател Александар Вучиќ, наведувајќи дека за тоа разговарал со претставници на компанијата „Archer“ на маргините на Светскиот економски форум.

Вучиќ за српските медиуми изјави дека компанијата Арчер е „една од најпознатите компании кои се занимаваат со летечки автомобили, дронови и летачки возови“, пишува Бета.

„Почнавме да преговараме за купување на најмалку три летала, а разговараме и со нашите кинески пријатели кои се веќе доста развиени и имаат летечки автомобили во неколку градови.

Ќе побрзаме и ќе се обидеме да завршиме се што е поврзано со подготовките и регулативите до средината на 2026 година, за да можеме да возиме летечки автомобили во 2027 година“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека на меѓународната специјализирана изложба Експо 2027, на која тој е домаќин, Србија сака да покаже „дека е најбрзо модернизирана и најбрзо растечка земја во Европа“.

„Веќе потпишавме меморандум со компанијата Арчер и направивме аранжмани за Експо 2027. Се прашував дали машината може да биде загрозена ако дојде јато птици. „Тоа навистина не може да се направи и е многу побезбедно од хеликоптер“, додаде Вучиќ.