Вучиќ: Пресудата за Ѓоковиќ е дел од светскиот лов на вештерки
Според претседателот на Србија со одлуката за укинување на визата австралиските власти сами се понижиле, а Ѓоковиќ може да се врати во својата земја со крената глава
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека одлуката за укинување на визата за тенисерот Новак Ѓоковиќ и неговата депортација од Австралија е политичка и лов на вештерки и дека на тој начин австралиската влада сама се понижила.
„Тие мислат дека со таа одлука го понижиле Новак Ѓоковиќ. Тие се понижија, а Ѓоковиќ може да се врати во својата земја со крената глава и да ги погледне сите во очи“, изјави Вучиќ на новинарите по гласањето на референдумот, додавајќи дека накратко се слушнал со Ѓоковиќ по одлуката на судот.
Вучиќ изјави дека првиот тенисер во светот направил сѐ што е потребно за да учествува на Австралија опен.
„Го малтретирате 10-11 дена за да му го врачите решението што сте знаеле дека ќе му го дадете уште првиот ден. Да речевте – не е вакциниран и нема право да влезе во државата, немаше да дојде и немаше да се вакцинира. Вака оставивте можност за медицински исклучок. Во согласност со тоа дојде и направи сѐ што беше потребно, а потоа имаше чиканирање и малтретирање од невидени размери, медиумски линч и лов на вештерки затоа што веројатно сакаа да му покажат на Новак Ѓоковиќ како функционира светскиот лов на вештерки и како тоа може да го направат против секого“, изјави тој.
Вучиќ оцени дека целиот процес е бесмислен и дека се гледа дека обвинителот лаже за бројот на вакцинирани во Србија.
„Велат дека помалку од 50 отсто од вакцинираните граѓани во Србија. Не лажете затоа што 58% се официјално вакцинирани, што е повеќе отколку во многу земји од ЕУ, посебно во нашето опкружување. Беше бесмислен аргумент, но тоа е можно во драмите на Орвел“, додаде Вучиќ.
Од друга страна, во посебни изјави одлуката што ја донесе Федералниот суд ја поддржаа премиерот на Австралија Скот Морисон и министерот за имиграција Алекс Хок.
„Ја поздравувам одлуката да ги задржиме нашите граници силни и да ги чуваме Австралијците безбедни. Како што реков во петокот, Австралијците претрпеа многу жртви за време на оваа пандемија и со право очекуваат исходот од тие жртви да биде заштитен. За време на пандемијата, заедно постигнавме една од најниските стапки на смртност, најсилните економии и највисоките стапки на вакцинација во светот, рече премиерот Морисон.
Како што нагласи, силните граници се клучни за австралискиот начин на живот, како и владеењето на правото.
„Нашата влада отсекогаш го разбираше тоа и беше подготвена да ги преземе одлуките и активностите неопходни за заштита на интегритетот на нашите граници. Му благодарам на Судот за нивното брзо внимание на овие прашања и за трпението на сите вклучени додека работевме на решавање на ова прашање. Сега е време да продолжиме со Австралија опен и да се вратиме на уживањето во тенисот во текот на летото“, изјави Морисон.