Вучиќ предлага референдум: Нема да останам претседател ако ја немам поддршката од народот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во емисијата „Кирилица“ на телевизија „Хепи“ изјави дека оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ е чин на одговорност, но тој не го принудил на тоа.
– Веднаш рекоа дека Вучиќ го натерал да поднесе оставка, но морам да ги разочарам и да кажам дека не сум. Реков дека ќе ја почитувам волјата на премиерот и политичката и човечката чесност на Горан, но не го ни советував да го стори тоа, рече Вучиќ, кој на прашањето дали ќе има уште оставки, одговори дека тоа е сосема сигурно.
Тој рече дека Весиќ ќе остане во СНС и ќе продолжи „да работи и да се бори заедно“.
Тој рече дека на протестите по несреќата на Железничката станица во Нови Сад во која животот го загубија 14 лица, се бара „неговата глава“.
– Владата на Србија нема да ја урнете. Ви нудам решение и голема победа. Еве, дајте ни ги вашите 70-80 гласови во српското Собрание и ќе побараме од народот советодавно мислење на референдум за разрешување на Александар Вучиќ, рекол Вучиќ, пренесува Нова.рс.
Тој рекол дека нема да остане претседател доколку ја нема поддршката од народот.
– Ако 50 отсто од народот се согласи со тоа на референдум, јас нема да бидам претседател на Србија ниту еден ден. Јавно ветувам дека тој ден ќе поднесам оставка и ќе се оди на нови претседателски избори. Ако народот каже дека е за разрешување, не му треба процедура, тој ден ќе си поднесам оставка и не сум претседател. Така си ги решиле сите свои проблеми. Тоа можеме да го направиме во јануари, март или мај, изберете кога сакате, но не го малтретирајте овој народ, заклучи Вучиќ.