Вучиќ: Наставниците за јануари ќе добијат плата, за февруари онолку колку што работеле


Фото: Б. Грданоски

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва на Пинк изјави дека сите наставници во јануари земале целосни плати, а во февруари ќе земаат онолку колку што работеле.

„Ги прашувам тие наставници. Ја добивте целата плата за јануари, за февруари ќе го добиете тоа што сте го работеле. А како децата ќе го надоместат тоа? За нас прашањето е што ќе знаат тие деца, а не која оценка ќе им дадете. А тие приказни дека ги учиме за политика, одговорност… Тоа е таква лага. Ќе се вратам на студентските блокади, повеќе им верувам на студентите отколку на нивните професори, бидејќи за некои е срамота да се каже дека се професори“, рече Вучиќ.

Тој рече и дека се надева оти наскоро ќе завршат блокадите кои му штетат на секој граѓанин на оваа држава и ја уништуваат економијата.

Вучиќ рече дека поради блокадите јануари е најлошиот месец на економски план.

„Кој ќе ја плати патарината кај нас ако знае дека ќе бидат стопирани“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк, додавајќи дека сега сите „ја избегнуваат Србија и бегаат одовде“.

Вучиќ најави дека образовните работници ќе си ги земаат целосните плати во јануари, а во февруари „колку што работеле“.

Тој посочи дека Србија се соочува со големи проблеми во врска со нафтената индустрија на Србија, бидејќи „Русите и Американците се чини дека се оддалечуваат уште повеќе, бидејќи и две земји се заглавени во сопствените интереси“.