Вучиќ: Наскоро разговори со Путин за НИС
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/01/NIS-naftena-industrija-srbije.png)
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека наскоро ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин за санкциите воведени од САД за нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска сопственост на Русија.
Тој за РТС изјави дека барањето на НИС до САД за одложување на санкциите за најмалку 90 дена, додека не се реши сопственичкиот однос во компанијата, добило одговор само од Амбасадата на САД во Србија, но дека се чека одговор од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC).
Одговорот на американската амбасада, рече тој, е „јасен и недвосмислен“ дека она што е побарано „нема да функционира“.
(OFAC) на 10 јануари воведе санкции за НИС, како дел од новиот пакет санкции за руската нафтена индустрија.
Од 2008 година руската државна компанија Гаспром нефт и нејзината матична компанија Гаспром имаат мнозинска сопственост од 56,15 отсто во НИС, додека 29,87 отсто се во сопственост на српската држава, а остатокот е во сопственост на мали акционери.
На прашањето што ќе и предложи Србија на Русија во однос на сопственоста во НИС, Вучиќ рече дека не може да зборува за тоа кога се уште не знае што бараат Американците.
„Мораме да ја спасиме нашата земја и не сакам да ги расипам добрите односи со Русите. Ќе најдеме решение. Ќе дадам се од себе“, рече тој.
Тој посочи дека една од причините за жестоките напади врз таа земја е тоа што Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија.