Вучиќ ќе им понуди „мал шенген“ на Заев и на Рама


Од повици за итна реализација на идејата во кој било формат, кога било и каде било, до квалификации дека станува збор за ретрограден став кој одамна не е виден и илузија за наводно економско процветување. Од крајност во крајност се движат оценките за иницијативата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за формирање некој вид „мал шенген“ меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, односно отстранување на трговските бариери за слободен проток на стоки и услуги.

Денеска и утре во Нови Сад Вучиќ ќе им ја презентира својата идеја на премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, за која тие разговараа и на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк пред две недели. Според изјавите, идејата на Вучиќ, која практично ја турка од 2015 година, е овој трилинг земји да настапува слично како Вишеградската група.

„Силно ја покренавме идејата за укинување на царинските бариери. Во настапот кон ЕУ излегуваме како блок земји. Така ќе бидеме повеќе почитувани“, рече Вучиќ.

За почеток, како што соопшти српската влада, намерата е да се укинат внатрешните царински и гранични бариери, да се усогласи инфраструктурната политика и да се воведе единствена наплата на патарините на автопатите во регионот. Од македонската влада велат дека се посветени на регионални иницијативи кои придонесуваат кон поврзан и вмрежен Западен Балкан, со цел побрз развој на регионот. Тие сметаат дека тоа ќе ја забрза интеграцијата на регионот кон Унијата.

„Актуелната иницијатива ќе влијае кон побрз и непречен проток на граѓаните, стоките и услугите, намалување на трошоците за компаниите и за граѓаните, зголемување на извозот, како и развој на потенцијалите за туризам“, велат во Владата.

Дел од стопанствениците со кои разговаравме не очекуваат посериозни позитивни ефекти, освен во кратењето на постапките, но, во секој случај, како што велат идејата претставува добар сигнал на патот кон ЕУ.

„На сето ова гледам како шанса да покажеме дека сме подготвени, без оглед на разликите, да функционираме во заеднички систем. Ова ќе биде предизвик за стопанствениците за тестирање на своите можности на еден поширок пазар, но и за државата и нејзините капацитети во делот на помошта за зголемување на конкурентноста. Самата реализација на идејата би покажала дали сме подготвени за подлабока интеграција. Сепак, потребна е и соодветна анализа со цел да се пресретнат пречките кои евентуално би се јавиле пред сè во сегментот на земјоделството и заштитата на производите“, вели бизнисменот Горан Рафајловски.

Идејата најде поддршка и кај претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

„Тоа ни го зборуваат од ЕУ последните дваесет години, но не можеме да сфатиме затоа што сме национално преосетливи, затоа што сметаме дека зад оваа идеја стои некаква обнова на Југославија и затоа што има премногу историја на Балканот и многу малку иднина“, изјави Азески за Танјуг, нагласувајќи дека сто проценти од сите напредни структури треба да ја поддржат.

Коментирајќи го влијанието на таквата идеја врз економијата на Македонија, тој вели дека неговиот став е оти македонската економија може да напредува и само врз перформансите на грчката и српската економија.

За разлика од Азески, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска, смета дека не ни треба „мал шенген“ со Србија туку реформи за влез во ЕУ. Во време кога сме пред вратите на НАТО и со можности за отпочнување преговори со Европската Унија, вели Арсовска, чудна е идејата да влеземе во економска дива градба со Србија која има различни определби од македонските во надворешната политика, особено, како што нагласува, во пристапување кон Северноатлантската алијанса.

„Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме, во ‘мал шенген’, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. Поретрограден став од овој одамна не е понуден, мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне уште пред да се роди. Зошто би правеле вакви микроекономски сојузи кога целта треба да ни е да ги спроведеме структурните економски реформи потребни да станеме дел од единствениот економски пазар на Европската Унија, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ како диво месо отцепено од интеграциите, со утеха на тоа дека сме дел од некаков мал шенген. Не, благодариме“, вели Арсовска.

Според неа, под изговор дека економското здружување е важно и дека е чист економски интерес за нашите земји да ги отстранат царинските и трговските бариери, се заговара нова изолација во микрорегион каде што Белград ќе ги води Скопје и Тирана во економски поход. Ваквиот нејзин став прилично се совпаѓа со мислењето на поранешната главна косовска преговарачка во дијалогот со Србија, Едита Тахири, за која ова е неојугословенска тенденција што ќе им наштети на Балканот и на Европа. Таа смета дека Балканот не треба да биде заинтересиран да се обедини и да ги отвори границите меѓу себе туку кон ЕУ.

Без оглед што Вучиќ јавно зборува дека интерес на Србија е во проектот да биде вовлечена и Приштина, дел од аналитичарите во Косово не веруваат дека суштината на идејата е просторот на Западниот Балкан да се уреди како заеднички пазар и единствена инвестициска дестинација, со хармонизирани прописи и поедноставени процедури. Наим Рашити, директор на Балканската истражувачка група од Приштина, за Дојче веле изјави дека Србија има сосема поинаква мотивација при промоцијата на вакви проекти и истите ги сублимира во три точки: „За да доминира на пазарот и во политиката, да ги намали разликите и политичките спорови и да избегне решавање на билатералните спорови, како и соработката со Косово“, вели Рашити. (Н.К.)