Вучиќ го уверил Зеленски дека го почитува територијалниот интегритет на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Атина се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ по што објави фотографија на Твитер со порака дека тоа било „отворена, искрена и плодна средба“.
„Добар разговор за почитување на Повелбата на ОН и за неповредливост на границите. За заедничката иднина на нашите народи во заедничкиот европски дом. За развивање на нашите односи, тоа е наш заеднички интерес“ – напиша Зеленски.
Слична оценка даде и српскиот претседател:
„Имавме добар и отворен разговор за сите важни прашања, како за Србија и Украина, така и за целиот регион и светот. Ги разгледавме настаните во Украина и Косово и уште еднаш нагласив дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина, што јасно и недвосмислено го кажуваме од почетокот на конфликтот“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
На прес-конференцијата по средбата тој рече дека украинскиот претседател се интересирал и за тоа што мислат луѓето во Србија.
„Го потврдив фактот дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина и дека тоа нема да се промени, за разлика од некои кои би го почитувале територијалниот интегритет на Украина, но не би го почитувале територијалниот интегритет на Србија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека на средбата било разговарано и за различни форми на соработка во иднина
„Украина никогаш не направи ништо против Србија, ниту ние направивме нешто против Украина. Се трудевме да не бидеме најгласни ниту во обвинувањата кон другите, наша работа е да ги заштитиме нашите интереси“, рече Вучиќ, наведувајќи дека синоќа била усвоена заедничка декларација, а Србија не се согласила за две работи, од кои едната се санкциите кон Русија. Според него, претстои „жешка есен“ и ситуацијата во Украина не е лесна и едноставна, така што ништо нема да се реши брзо и, како што рече, претстојат уште многу проблеми.
„Им благодариме на нашите партнери што ја разбраа позицијата на Србија и дека има работи за кои не сме подготвени да одлучуваме во овој момент“, рече Вучиќ.
Тој во своето обраќање спомена и дека Србија очигледно е повторно критикувана за речиси никаков напредок во владеењето на правото.
„Мора да знаеме дека во декември очекуваме Молдавија и Украина да го добијат датумот за почеток на преговорите. Добија кандидатски статус, сега ќе добијат датум. Што се однесува до нас останатите, за нас е важно она што го најави Фон дер Лајен во однос на политиката на раст. Во моментов од 27 земји има 10 кои ги финансираат сите останати. Нема други кои можат да бидат нето-придонесувачи, тие не можат да прифатат други. Се разбира, тие ја туркаат Украина во моментов, бидејќи таа е во војна и работи за сите нив и мора да добие поттик, но штом слушнам забелешки за владеење на правото, знам каде оди… И кога станува збор за некои други земји. За нас е многу важно рационално да гледаме што можеме да направиме, особено во однос на заедничкиот економски пазар“, порача српскиот претседател.