Вучиќ ги обвини студентите и за продажбата на Нафтената индустрија на Србија во 2008 година
Во друга бизарна изјава во јуни оваа година, Вучиќ ги обвини студентите дека го екстрадирале Слободан Милошевиќ во Хаг
Ппретседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Русите се сопственици на Нафтената индустрија на Србија (НИС) не благодарение на него, туку „на блокадерите кои ја продадоа во 2008 година“. Со оглед на тоа што терминот „блокадери“ најчесто се користи за студентски протести во Србија, оваа изјава привлече големо внимание поради бизарноста, пишува nova.rs.
„Ги слушам луѓето кои критикуваат, но тие не знаат што критикуваат. НИС е во сопственост на руска државна компанија 56 проценти, Русите се сопственици, не ние, и не благодарение на мене, туку на блокадерите кои ја продадоа во 2008 година, што е еден од најважните ресурси, во време кога имавме неискористени нафтени наоѓалишта. Како еден од најважните ресурси во тоа време кога имавме значително неискористени нафтени наоѓалишта, кои беа еден од најважните елементи во растот на самата добивка на компанијата. И сега кога го слушам сето тоа, се прашувам секој ден, што ви е на вас, луѓе?“ рече Вучиќ по регионалната бизнис конференција на Обединетото Кралство и Западен Балкан.
Тој додаде дека „санкциите беа одложени за девет месеци на негово барање“ и нагласи дека сегашната влада не е одговорна за ништо поврзано со НИС. „Во овој случај, ние апсолутно не сме виновни ниту обврзани, како Србија, а особено не како раководството на Србија, бидејќи не учествувавме во продажбата, купувањето или нешто поврзано со НИС“, рече Вучиќ, додавајќи дека Русија преговара со три компании за продажба на својот удел во НИС.
Како би можеле студентите да го продадат НИС?
Ако се земе предвид дека властите во Србија ги нарекуваат студентите кои организираат протести со месеци „блокадери“, се поставува логично прашање како луѓето кои денес имаат дваесет години би можеле да го продадат НИС во 2008 година. Повеќето од нив тогаш биле деца или не биле ни родени, но се чини дека одговорот на тоа прашање нема да биде понуден.
Ова не е прв пат претседателот на Србија да ги обвинува студентите за настани во кои не можеле да учествуваат.
Во јуни оваа година, Вучиќ ги обвини студентите дека го екстрадирале Слободан Милошевиќ во Хаг, иако повеќето од денешните демонстранти во тоа време биле во пелени или дури и не биле родени.
„Имавме ужасни денови, како што беше намерното предавање на претседателот Милошевиќ на Хашкиот трибунал на Видовден. Тоа е еден од најголемите срамови што блокадерите ги направија против државата Србија“, рече Вучиќ во тоа време.