Вториот ребаланс на Буџетот ги зголеми расходите за уште 164,2 милиони евра


Владата го усвои ребалансот на буџетот за реализација на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и економијата

 

Државата годинава ќе потроши дополнителни 164,2 милиони евра, се предлага со вториот по ред ребаланс на Буџетот, што го усвои вчера Владата и кој денес ќе биде доставен до пратениците во Собранието. Падот на БДП е планиран на 4,4 отсто, наместо претходните  3,6 отсто, а зголемен е и буџетскиот дефицит на 8,4 отсто од БДП.

„Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повисоки во однос на ребалансот“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими на онлајн прес конференција.

Тој додаде дека согласно ревидираните проекции на Министерството за финансии, врз основа на кои е правен и вториот ребаланс на буџетот, враќањето на патеката на економски раст се очекува да биде побавно во однос на претходните проекции.

-Очекувањата се дека економијата ќе забележи пад од 4,4 отсто во 2020 година. Мора да се напомене дека падот ќе беше повисок, имајќи го предвид четвртиот сет на мерки. Ревидирана е и стапката на инфлација која се очекува да изнесува 1 отсто, рече Бесими.

Напомена дека за справувавање со ковид-кризата досега се преземени три пакети владини мерки. Овие пакети беа насочени кон соочување со првиот наплив на кризата и се состоеја од поддршка на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и поддршка на граѓаните погодени од кризата.

Како што додаде вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари речиси на идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6  отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи како неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари.

Врз основа на вака планираните приходи и расходи, министерот наведе дека дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.

Во однос на финансирањето на дефицитот, ново задолжување кон странство нема да има. Проширувањето на дефицитот ќе се финансира во одреден дел од депозитите на државата и дел преку државни хартии од вредност.

Ова е втор ребаланс што се прави годинава, а произлегува од потребата за имплементација на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните,  економијата и макроекономската стабилност.

-Со овој ребаланс се овозможува спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија, за да – кога кризата ќе заврши – продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, рече Бесими.

тој објасни дека за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од COVID-19 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста Туристички водич 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра, за македонски викенд шопинг со МојДДВ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра – вели министерот за финансии.

Кратења има кај расходите за стоки и услуги се планирани во износ за 1 милијарди денарии кај капиталните расходи 1,2 милијарди денари, притоа, капиталните расходи на ниво на основниот буџет се на исто ниво.

Бесими соопшти дека реализацијата на Буџетот заклучно со септември, на приходната страна изнесува 136 милијарди денари или 69,1 отсто во однос на планираните приходи за 2020 година со ребалансот од мај, што е за 4,9 отсто помалку во однос на истиот период од лани. Реализацијата на расходната страна изнесува 171,9 милијарди денари, што претставува 70,5 отсто во однос на годишно планираниот износ со првиот ребаланс, или за 10,7 отсто повеќе во однос на лани. Согласно ова во периодот јануари-септември 2020 година остварен е дефицит на Буџетот во висина од 35,8 милијарди денари или 5,3 отсто од БДП. Според овие податоци, реализацијата на буџетот одеше согласно планот, но со носење на четвртиот пакет на мерки кој е во насока на поттикнување на економската активност и поддршка на фирмите и на граѓаните се јави потреба за финансирање на истите, а со тоа и преструктуирање на позициите во буџетот и обезбедување на дополнителни финансии, потенцира Бесими.