Наскоро се отвора Центарот за рехабилитација на деца кои го победиле ракот


Во  завршна фаза е уредувањето на просториите и хортикултурното уредување на дворот на објектот на основното училиште во селото Кучково во Ѓорче Петров, а со негова преадаптација треба да прерасне во Регионален Центар за рехабилитација на деца кои преживеале канцер.

На површина од 650 м²,  Центарот има капацитет за престој на 20 деца со придружба на еден родител во комплетно опремени простории и училници за он-лајн образование, за физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, а има и соби за игра и „мирна соба“ за рехабилитација.

Проектот е поддржан од Министерство за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, а спроведуван од Центарот за развој на Скопскиот плански регион во рамки на проектот „Приказната продолжува “.

Во некогашното основно училиште во скопско Кучково повторно ќе се слуша детски џагор, но не од ученици, туку од деца кои се излекувани од канцер. Денеска и официјално беше промовиран проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во Кучково. Објектот наскоро ќе ги отвори вратите за престој на младите борци, благодарение на Министерството за локална самоуправа, финансиската поддршка на Владата на Швајцарија и учеството на Општина Ѓорче Петров, како дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2.

– Проектот „Приказната продолжува“ беше инспириран од сите оние мали борци, кои имаат потреба од помош и во периодот додека се на лекување. Вакво нешто во нашата држава и во регионот не постоеше. Од таму дојде идејата овој прекрасен, монументален објект, овде во Кучково на приближна површина од 650 метри квадратни го реконструираме и повторно го вратиме детскиот џагор во овие простории кадешто пред повеќе од 100 години, исто така, посетувале деца настава, учеле и имале можност да чекорат успешно во животот – рече Александар Стојковски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Целта на проектот е да се даде максимална психосоцијална поддршка на овие дечиња кои еднаш веќе се избориле во животот, да се даде поддршка на нивната ресоцијализација, поддршка на интеграцијата во општеството. Сите од овие деца подолго време поминуваат во болница, некои и со години.

Од Центарот за скопски плански регион велат дека идејата произлегла од потребите на децата, а во овој центар децата ќе добијат освен социјална и здравствена помош, рехабилитација, и еден дел посветен на едукација, кој треба да им помогне да не изгубат поголем дел од образованието, за да бидат на исто ниво со врсниците кога ќе се вратат во училиште.

„Не станува збор само за обичен објект и едно старо училиште, станува збор за еден паметник кој во иднина ќе нѐ потсети дека доколку нешто вистински се сака, се може и дека само зачувана историја е наша лична карта, а влогот во образованието и воспитанието на децата е патот кој води кон вистински систем на човекови вредности“, порача Марија Вук, претседател на НВО САНО, дел од иницијаторите на проектот.

Идејата за овој центар е на САНО, а реконструкцијата и адаптацијата на некогашнотоучилиште произлезе и како едно од барањата на граѓаните преку Регионалните форуми на заедниците, организирани од Центарот за развој на Скопски плански регион (ЦРСПР).

„Ова е наш мал придонес во насока на поддршка за младите борци и искрено се надевам дека во иднина во овој објект ќе се видат многу насмевки, а децата ќе се ресоцијализираат и навистина ќе го градат патот и секој нов ден во насока на подобра иднина за сите нив. Се надевам дека како Министерство, а убеден сум дека и како Влада, ќе можеме да бидеме сведоци на реализација на многу вакви проекти кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани“, порача министерот Перински.

Вкупна вредност на проектот е 23.574.074 денари, од кои 10.380.998 денари се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, додека пак 8.435.000 денари се обезбедени преку Швајцарската влада, а општината обезбеди 4.758.076. Реконструкцијата почна во септември 2023 година. (Б.Б.)

За децата кои победиле канцер: Старото училиште во Кучково станува Регионален центар за рехабилитација