Врховниот суд на САД пресуди – родителите имаат право да ги изземат своите деца од ЛГБТ наставни содржини, поради верски причини


Врховниот суд на САД

Одлуката на Врховниот суд на САД во предметот „Махмуд против Тејлор“ (Mahmoud v. Taylor), донесена на 27 јуни 2025 година, претставува една од најзначајните пресуди во последните години во областа на образованието, верските слободи и родителските права. Станува збор за случај во кој родители го тужат училишниот округ Монтгомери во сојузната држава Мериленд, поради неможност нивните деца од прво до петто одделение да бидат изземени од наставни содржини поврзани со ЛГБТ тематика, што, како што посочуваат, се коси со нивните верски убедувања.

Со мнозинство од шест гласа „за“ и три „против“, Судот пресуди во корист на родителите, при што училишниот округ мора однапред да ги извести родителите и да им овозможи избор да ги изземат своите деца од секој час на кој е предвидена таква содржина.

Врховниот суд на САД утврди дека е веројатно родителите да успеат во своето тврдење дека одбивањето на можноста за изземање неправедно го ограничува нивното право на слободно практикување на својата вера. Исто така, Судот наведе дека таквата политика, кога наставата во училиштето „значително се меша во верскиот развој“ на децата, е противуставна, освен ако училиштето не докаже дека таа служи на „особено важен“ јавен интерес и дека е „тесно приспособена“ за да ја постигне таа цел. 

Веста за донесената одлука тогаш ја пренесоа повеќе светски медиуми, меѓу кои Ројтерс, Асошиејтед прес…, а деталите околу нејзиното натамошно влијание будно го следеа голем број специјализирани правни ентитети во САД, но и К12 дајв ком, кој се заминава со сите новини во основното образование во САД. 

Од спор околу книги со ЛГБТ ликови до преседан на Врховниот суд

Предметот произлезе од спор околу наставните материјали што јавните училишта во округот Монтгомери, најголемиот училиштен округ во Мериленд, ги воведе во наставата по англиски јазик за ученици од предучилишна возраст до петто одделение. Дел од новата програма содржеше книги во кои се прикажуваат различни семејни модели, меѓу кои и истополови брачни двојки, трансродови личности и деца со родители од ист пол, а намерата на училиштето била преку литературата да се промовираат различностите.

Кога програмата беше воведена во 2022 година, училишниот округ им овозможуваше на родителите однапред да бидат известени и доколку тоа го побараат нивните деца да бидат изземени од конкретните часови. Но, поради наглото зголемување на бројот на барањата за изземање, училишниот одбор оцени дека таквата практика создава сериозни организациски тешкотии, дополнителен товар за наставниците и нарушување на наставниот процес. Поради тоа, во март 2023 година политиката беше изменета, а можноста за изземање беше укината.

Оваа одлука предизвика реакција кај група родители од различни верски заедници. Меѓу тужителите имаше муслимани, католици и православни, кои сметаа дека дел од наставните материјали промовираат ставови за полот, бракот и семејството што се спротивни на нивните религиозни убедувања. Според нив, државата не може да ги принудува родителите, како услов за користење на јавниот образовен систем, нивните деца да присуствуваат на наставни активности што директно се косат со нивната вера.

Федералниот окружен суд првично одби да изрече привремена мерка во корист на родителите, оценувајќи дека тие не покажале доволно веројатност дека ќе успеат во спорот. Истата оценка ја потврди и Апелациониот суд за Четвртиот округ, кој заклучи дека изложеноста на учениците на различни идеи сама по себе не претставува ограничување на слободното практикување на верата.

По ова, родителите побараа интервенција од Врховниот суд на САД. Судот го прифати предметот и во текот на 2025 година одржа усна расправа која привлече големо внимание кај правната јавност, образовните институции, верските организации и организациите за човекови права. Случајот беше оценет како можен преседан што ќе ја дефинира идната рамнотежа меѓу правото на јавните училишта да ја утврдуваат наставната програма и уставно загарантираните верски права на родителите.

Во пресудата донесена на 27 јуни 2025 година, мнозинството судии оценија дека родителите имаат големи изгледи да успеат во постапката, бидејќи политиката на училиштето претставува „значително оптоварување“ врз нивното право на слободно практикување на верата. Судот оцени дека државата кога преку јавниот образовен систем од многу мали деца бара задолжително да присуствуваат на наставни активности што можат да влијаат врз нивниот верски развој, таа мора да покаже особено силно и убедливо оправдување за таквата политика.

Во образложението на пресудата Судот нагласи дека случајот не се однесува на тоа дали јавните училишта смеат да користат книги што обработуваат теми поврзани со различните семејни модели, сексуалната ориентација или родовиот идентитет. Спорот, според мнозинството судии, произлегува од тоа што училиштето ја укинало можноста родителите нивните деца да бидат изземени од конкретните наставни активности, иако тие претходно јасно укажале дека тие содржини се во директен судир со нивните верски убедувања. 

Набргу по донесувањето на пресудата, јавните училишта во округот Монтомери соопштија дека ќе ја усогласат својата практика со одлуката на Судот. Покрај тоа, училиштата воспоставија практика за обезбедување алтернативни наставни задачи за учениците кои нема да присуствуваат на спорните часови. 

Судскиот спор доби конечна разрешница во февруари 2026 година, кога училишниот одбор и групата родители што ја поведоа постапката постигнаа судска спогодба. Со неа, округот се обврза трајно да обезбедува претходно известување и можност за изземање на учениците од наставните активности за кои родителите ќе поднесат верски приговор. Обврските не останаа само на ниво на административна политика, туку беа вградени во судски налог, што значи дека нивното почитување стана правно задолжително и под постојан надзор на судот. Спогодбата предвидуваше и исплата на 1,5 милиони американски долари на родителите што ја поведоа постапката, објави К 12 дајв ком на почетокот на годинава. 

 

На повеќе од 32 илјади наставници, меѓу кои 20 илјади се во основното образование, почетокот на 2020 година им донесува за 10 проценти повисоки плати. Покачувањето следува по 5-те отсто што н

Во исто време, Судот внимателно постави граници на сопствената одлука. Во пресудата се нагласува дека таа не создава општо право родителите да бараат изземање од секоја наставна содржина со која не се согласуваат. Наместо тоа, секој иден случај ќе треба да се оценува поединечно, земајќи ги предвид природата на наставната активност, возраста на учениците, конкретните верски убедувања на родителите и степенот до кој наставата може да влијае врз верскиот развој на детето.

Иако правното дејство на пресудата „Махмуд против Тејлор“ непосредно се однесуваше на училишниот округ Монтгомери, нејзините последици брзо се почувствуваа и во другите делови на САД. 

Значењето на пресудата го анализираа бројни правни ентитети во САД, меѓу кои и Институтот за право и слобода од Висконсин, кој нагласи дека една од најзначајните последици од пресудата е тоа што бројни училишни окрузи низ САД започнале да ги преиспитуваат сопствените политики за родителско известување и изземање на ученици од одделни наставни активности. Во текот на учебната 2025–2026 година повеќе локални образовни власти ги ревидираа процедурите за поднесување барања врз верска основа.