Макрон бара координација во Г7 за справување со високите цени на горивата
Франција бара посилна меѓународна координација за справување со високите цени на горивата на глобално ниво, при што претседателот Емануел Макрон разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп за „потребата од заедничко дејствување против растот на цените на горивата“, соопшти денеска Елисејската палата, пренесе ДПА.
Во соопштението се наведува дека Макрон во телефонскиот разговор нагласил оти земјите од Г7 имаат заеднички интерес за координиран пристап, без ограничувања на извозот.

Трамп претходно изјави дека размислува за воведување забрана за извоз на дизел, потег што би влијаел и врз европските земји, со цел да се намалат цените во САД.
Според Елисејската палата, во тек се разговори и на европско ниво, како и со Канада.
Г7 е групација на водечки индустриски нации во која, покрај Франција и САД, членува и Германија. Франција оваа година претседава со Г7. Според Елисејската палата, земјата соработува и со Меѓународната агенција за енергетика во врска со прашањето за растот на цените на горивата.
Во најкраток можен рок треба да се одржи видеоконференција на лидерите на Г7 за да се координираат мерките против притисокот врз цените, се наведува во француското соопштение, пренесено од ДПА.