Времетраење на работниот век: Кој работи најдолго во ЕУ


Во 2021 година, очекуваното просечно времетраење на работниот век за 15-годишниците во ЕУ беше 36,0 години. Од 2001 година, очекуваното просечно времетраење на работниот век постојано се зголемуваше во ЕУ, а потоа се намали за прв пат во 2020 година поради здравствената криза со КОВИД-19 (од 32,0 години во 2001 година на 35,9 години во 2019 година, а потоа се намали на 35,6 години во 2020 година) за да се врати во 2021 година на нивото пред пандемијата, соопшти Евростат.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, очекуваното просечно времетраење на работниот век во голема мера варираше во зависност од земјите и нивната географска ситуација во Европа.

Во 2021 година, најдолго времетраење во ЕУ е забележано во Холандија (42,5 години), Шведска (42,3 години) и Данска (40,3 години). Спротивно на тоа, најкусо времетраење на работен век е забележано во Романија (31,3 години), Италија (31,6 години) и Грција (32,9 години).

За мажите, очекуваното времетраење на работен век беше во просек 38,2 години во ЕУ, со најдолго времетраење забележано во Холандија (44,3 години) и Шведска (43,6 години), а најкратко во Бугарија (34,6 години) и Романија (35,0 години). За жените, просечното времетраење на работниот век во ЕУ беше 33,7 години, а најдолго е забележано и во Шведска (41,0 години) и Холандија (40,5 години), но најкратко во Италија (26,9 години) и Романија (27,4 години).

Иако се очекува мажите да работат подолго од жените, родовиот јаз се намали во ЕУ со растечкото учество на жените на пазарот на трудот (родовиот јаз беше +4,5 години во 2021 година во споредба со +7,0 години во 2001 година).

Во 2021 година овој јаз меѓу половите бил најизразен во Италија (+9,1 години), потоа Малта (+8,4 години) и Романија (+7,6 години). Литванија беше единствената земја-членка на ЕУ каде родовиот јаз беше негативен, при што жените обично работат 1,3 години повеќе од мажите, додека Естонија (+0,1 години), Летонија (+0,8 години) и Финска (+1,1 година) имаа многу мали родови разлики.

Индикаторот „очекувано просечно времетраење на работниот век“ го мери очекуваниот број на години во кои се очекува едно лице, на сегашната возраст од 15 години, да остане во работната сила во текот на својот живот. Се проценува користејќи го очекуваниот животен век и учеството на вработени и невработени во населението за секоја возраст.