Времеплов од спомени и емоции- романтична музичка бајка со Каролина, Дуке и Исмаил во Филхармонија

Како звучат преработките на 11 од најубавите македонски евергрини од 50ти, 60ти, 70ти години- златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори како Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица… во изведба на Каролина, Дуке и Исмаил?

Љубов, копнеж, спомени, емоции, се измешаа вечерва во Филхармонија, на првиот од петте концерти во Скопје на проектот ,,Песни за љубов и копнеж”, кој Каролина, Дуке и Исмаил го подготвуваа две години, во организација на „Авалон“. Надвор минусни температури, а на публиката, оваа магична ноќ им ги стопли и срцето и душата , како што вели една од песните, вдишаа и љубов и среќа.

Мноштво евергрини, на сцена една дива како Каролина Гочева-Корубин и со ставата, и со гласот и со светкавата тоалета, еден пијанист и аранжер од калибарот на Дуке Бојаџиев кој звучеше како цел оркестар на сцената и префинетиот звук на кларинетот на Исмаил Лумановски – доволна причина Скопје да (о)зборува, да се сеќава и да раскажува. (Л.С.)