Ворен Бафет заработил 120 милијарди долари од порастот на акциите на „Епл“


Растот на вредноста на технолошкиот гигант „Епл“ (Apple), кој оваа недела ја надмина пазарната капитализација од три билиони долари, му донесе на Ворен Бафет, американскиот бизнис магнат, инвеститор и претседател Беркшир Хатавеј, заработка од над 120 милијарди долари.
Компанијата на Бафет почна да ги купува акциите на „Епл“ во 2016 година, а до средината на 2018 година се здоби со 5,0 отсто сопственички удел во производителот на ајфон (iPhone), во вредност од 36 милијарди долари. Вредноста на уделот на Беркшир во „Епл“ забрзано се зголеми до 2022 година и сега изнесува 160 милијарди долари, бидејќи силниот раст на цената на акциите на технолошкиот гигант продолжи и во новата година.

„Без сомнение, ова е една од најуспешните инвестиции што Беркшир ги направи во последната деценија“, изјави за „Си-Ен-Би-Си (CNBC) аналитичарот Џејмс Шанахан.
Покрај заработката од огромниот скок на цената на акциите на „Епл“, оваа инвестиција беше профитабилна за Беркшир и поради големите дивиденди што редовно ги добиваше во износ од околу 775 милиони долари годишно, во просек.

Уделот на Беркшир во „Епл“ сега сочинува повеќе од 40 отсто од капиталното портфолио на конгломератот на Бафет, според InsiderScore. Беркшир е најголемиот акционер на „Епл“, надвор од индексната кошничка на добавувачи и средства со кои се тргува на берзата.