Волшебните костими на Елена Дончева (галерија)
Како скапоцени камења на накитот на една префинета дама, така и театарските, оперските и балетските костими на Елена Дончева (1942, Скопје), вечерва, во Културно-информативниот центар – Скопје, во Салон Империјал 1 и 2, светеа и ја маѓепсуваа скопската културна елита која во голем број дојде да ѝ оддаде почит на доајенот на македонската костимографија. Дончева веќе со децении е на самиот врв на македонската костимографија, а беше почитувана и признаена и на пребирливата југословенска културна сцена.
…Елена Дончева како да не му припаѓа на времето и – особено – на опкружувањето во кое, ете, самозатајно го минува целиот свој живот. Со сѐ она што колоквијално се именува и/или нарекува Кариера. Таа нејзина Кариера на врвна, елитна костимографка – театарска, филмска, телевизиска и каква ли уште не – трае веќе половина век. Дури и повеќе: цели 55 години, рече вечерва, нашиот ценет театралог, Јелена Лужина, рецензент и во каталогот во повод ретроспективната изложба на Дончева која опфаќа и цртежи и колажи.
„Дончева одамна го формирала својот препознатлив стил: истенчено визуелно чувство во кое се спојуваат идејата, формата и бојата. Низ елементот на ликовноста стожерно место/спој добиваат карактерот и времето на/од кое се ликовите на кои им се наменети костимите. Низ нив се открива светот и човекот во него, карактерот на ликот, пораката, состојбата, слојот на кој му припаѓа. Максимално едуцирана, надарена, работлива и љубопитна, Дончева не еднаш со костимографијата ја решава и сценографијата за одделни сценски дела, секогаш понесена од високо развиената смисла за соработка, толеранција и трпеливост. Карактеристичниот потег во цртежот и колористичната хармоничност на реализацијата се откриваат и низ неколкуте нејзини костимографски изложби, забележале проследувачите на нејзината исклучително богата кариера.
Дипломирала1967 г. на Академијата за применета уметност во Белград. Работи како костимограф во Македонска Телевизија (1967-1975) и во Македонскиот Народен Театар ( опера, балет и драма) до 2001 г. кога заминува во пензија.
Изложбата ќе биде отворена до 05.11.2024 година.
Л. Сабит