Војната во Украина испровоцира побрза реализација на балтичката пруга


Изградбата на Балтичката железница (Rail Baltice), долга 870километри која би се протегала од Полска преку Литванија, Латвија и Естонија, до Финска, може да добие на замав поради руската инвазија на Украина, велат од компанијата задолжена за реализација на тој проект.

Не е потреба, туку обврска

„Со оглед дека Русија ни е на границата, реализацијата на овој проект не е само потреба, туку и обврска“, вели Агнис Дриска, претседател на управата на комапнијата „Rail Baltica“.

„Добро е да се има ваква железница“, додава во разговор со новинарите во Рига, главниот град на Латвија.

Отворањето на пругата е планирано за 2030 година. Патничките возови би оделе до 250 км/ч, а товарните до 120 километри на час.

„Rail Baltica ќе придонесе за сигурноста на Балтичките држави затоа што тие ќе бидат подобро поврзани со своите сојузници во Европа и ќе ја подобрат воената логистика во целиот регион“, вели Дриска.

Додава дека со железница, освен цивилен товар, ќе биде можен превоз на оружје во случај на потреба.

Во Рига, во понеделникот почна дводневен форум „Иницијативите на трите мориња“, собир на земји кои се наоѓаат меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море. Таа иницијатива ја покренаа во 2015 година Полска и Хрватска на наговор на САД, кои сакаа да го изолираат ова подрачје од влијанието на Русија, финансирајќи и поттикнувајќи изградба на ЛНГ терминал, гасовод и други инфраструктурни проекти.

Драстично се намалува времето за патување

Од главниот естонски град Талин до Рига возењето по пат трае 4,5 часа, а со воз може да биде помалку од 2 часа.

Литванија, Латвија и Естонија, поранешни членки на некогашниот Советски Сојуз, се акционери на Rail Baltice. Тие три земји, во кои живее бројно руско малцинство, се меѓу најголемите противници на инвазијата на Русија врз Украина, почната пред четири месеци.

Балтичката железница е само еден од планираните коридори во Европската Унија, па се натпреваруваат за парите од заедничкиот буџет на 27 земји членки.

Брисел, исто така, се наоѓа пред барање за финансирање на Медитеранскиот коридор, кој би одел преку Хрватска.

„Секогаш се работи за натпревар затоа што парите се помалку во однос на потребите“, вели Дриска додека од прозорецот на зградата на Rail Baltice ја покажува сегашната железничка пруга во Рига.

Прешироки пруги

Пред проектантите е голем предизвик затоа што ќе мора комплетно да се отстранат постоечките пруги, направени за време на Советскиот Сојуз, кои се со широчина од 1.520 мм, додека во ЕУ се со ширина од 1.430 милиметри.

Железничката пруга со европска широчина завршува во Каунас, град во Литванија, но понатаму не е изедначена со стандардите на ЕУ.

Дриска вели дека до 2024 година сѐ ќе биде подготвено за почетокот на градба.

„Првиот дел од новата пруга од Каунас до Рига треба да биде довршен по 2026 година, а целата пруга до крајот на 2030 година“, вели тој.

Планираниот трошок изнесува 5,8 милијарди евра, од што ЕУ треба да даде 85 отсто, а даночните обврзници на трите балтички земји остатокот.

За реализација се обезбедени 1,2 милијарди евра од претходниот седумгодишен буџетски период на ЕУ, а Дриска верува дека остатокот ќе биде повлечен до 2027 година.

Сепак, со оглед на растечката инфлација во Европа и последичното поскапување на материјалите, не е сигурно колкав, на крајот, ќе биде трошокот за проектот.

„Ние овде сме посебно погодени со инфлацијата. Кај нас е најголема во ЕУ“, вели Дриска.

По Турција, инфлацијата во Литванија, Латвија и Естонија е највисока во Европа и се движи околу 20 отсто.

Тие земји зависат од увоз на гас, нафта, дрва и челик од Русија, а тие материјали поскапеа поради санкциите кои ги воведе ЕУ за Русија по инвазијата на Украина.