Војната на Блискиот Исток го прави бизнисот неизвесен: Странските инвеститори во земјава за најголемите ризици годинава
Од почетокот на војната на Блискиот Исток, пред неколку недели, транспортните трошоци во контејнерскиот превоз од Кина кон Европа се веќе зголемени за 65 отсто, а ризикот е толку голем што осигурителните компании избегнуваат осигурување на транспортот преку Црвеното Море. Покрај ова, цената на нафтата веќе е значително зголемена, а дури и да дојде до брзо смирување на воените дејства, таа цена веројатно ќе се задржи на повисоко ниво. Ова се само некои од многуте последици кои ги засегаат и странските инвеститори во Македонија, кои денеска во Стопанската комора на Македонија ги претставија наодите од годишната анкета Business & Investment Indicator 2025, со кои се осврнуваат на условите за водење бизнис во нашата земја.
Едно од прашањата е и за очекувањата во наредната година (односно 2026), но со оглед дека анкетата беше правена пред почетокот на воената интервенција против Иран, денеска на презентацијата беа земени во предвид и новите околности. Како што посочи претседателот на Советот на странски инвеститори во земјава, Виктор Мизо, кој е и директор на „Костал Македонија“, цените на нафтата не се единствените кои влијаат врз условите за водење бизнис во светски рамки. Тоа се и транспортните трошоци, трошоците за осигурување, но и други елементи, како зголемување на цените на керозинот, што го поскапува и авионскиот транспорт, потоа недостигот на гориво во Азија, што принуди некои земји, како Филипините, да прогласат вонредна состојба, потоа ударот врз производаството на алуминиум кој е важен за автомобилската индустрија (на ОАЕ и Бахреин отпаѓа 10 отсто од светското производство на алуминиум, пред се поради ниските трошоци за енергија), што сега ги насочува компаниите да се свртат кон руските производители… Мизо исто така додаде дека погодени се индустриите за производство на вештачки ѓубрива, што ќе има одраз и врз земјоделското производство и цените на земјоделските производи, потоа производството на пластични маси кои се користат многу и во автомобилската индустрија и тн.
„Германскиот институт ИФО, но и ОЕЦД, веќе прогнозираат дека инфлацијата на глобално ниво годинава наместо проектираните 2,8 отсто може да достигне и до 4 отсто“, рече Мизо, додавајќи дека тоа ќе има одраз и врз трошоците за кредитирање, односно врз каматните стапки, како и дека 800 милијарди долари кои доаѓаат на финансиските пазари од земјите во Заливот, сега може да бидат пренасочени кон други приоритети што дополнително може да ги усложни глобалните пазари и да ги зголеми ризиците за бизнисите.
Сепак, како, што додаде, странските инвеститори во земјата засега немаат драстично намалување на нарачките поради случувањата на Блискиот Исток.
„Сè уште немаме видливо директно намалување, иако на неделно ниво понекогаш постојат мали флуктуации на нарачките. Драстично намалување сè уште не постои бидејќи има несигурност и сите чекаат да видат што ќе се случи. Ситуацијата е флуидна, но не можам да кажам директно дали и во колкав обем ќе има влијание со нашите клиенти“, изјави Мизо.
Тој додаде дека кризата ги погодува сите, без разлика каде се наоѓаат. Она што треба да се направи, додава тој, е да се искористи моментот и да се најдат можности да се биде поконкурентен од сестринските фирми.
„Ова е глобален проблем. Не е важно дали сме лоцирани во Македонија или нашиот конкурент е лоциран во која било друга држава, така што зголемените трошоци за енергенти, петрохемиски материјали или репроматеријали ќе се рефлектираат на ист начин. Ова значи ќе биде погодена индустријата глобално и потенцијалното намалување на побарувачка ќе се одрази на сите места и потоа можеби ние на кој начин можеме да ја креираме можноста да бидеме поконкурентни од нашите сестрински компании во Европа и намалувањето во Македонија да биде помало отколку на друга алтернативна локација. Секоја криза треба да се земе предвид, дури и ако помалку се намалите од вашата конкуренција, пак сте подобри“, вели Мизо.
Само во деновите од блокадата на транспортерите, транспортните трошоци на странските компании, како што посочи Мизо, се движеле од неколку илјади евра до неколку миилиони евра од компанија поради тоа што некои од компаните морало да се снаоѓаат и со авионски летови да ги пренесуваат своите производи.
„Компаниите ќе ви кажат – ако не можете да ги проголтате тие трошоци, најдете алтернативна локација за производство, која не е лоцирана во Западен Балкан. Ако кој било од нас треба да го однесе производството во која било од нашите сестрински компании во ЕУ, тоа значи дека нема повторно да се врати, така што тоа е ризик“, нагласи Мизо.
Инаку, како што покажуваат резултатите од анкетата, 55 отсто од анкетираните компании планираат да продолжат да реинвестираат во земјава, што е зголемување од 13 процентни поени во однос на минатогодишната анкета, 23 отсто одговориле дека не би инвестирале, девет отсто дека би го намалиле присуството на локалниот пазар, а 13 отсто дека немаат никакви планови.
Од анкетиранитѕе компании 87 отсто планираат да го зголемат бројот на вработени, а како главни фактори за инвестирање во Македонија и овој пат ги наброаја релативно ниските трошоци за производство, поволната бизнис клима и вештините на вработените, ниските даноци и државната помош. Само една компанија навела дека членството во НАТО е важно за инвестирање во земјава.
Мизо наброја и три работи кои инвеститоите ги сметаат за приоритетни во наредниот период, а тоа се натамошна хармонизација на царинските тарифи со оние во ЕУ, потоа униформирање на третманот на оправданите инвестициски трошоци, врз основа на кои се доделува и државна помош, потоа исполнување на обврските кон странските инвеститори (пред се за државната помош, но иако тоа не се спомена, веројатно се мисли и на враќање на ДДВ), потоа подобрувањето на грижата кон инвеститорите (таканаречената афтер кеар), намалувањето на корупцијата и добивањето работни дозволи за странските вработени.
Во анкетата учествувале 47 компании со странски капитал во земјава, во кои работат 40 илјади лицаи и кои до сега вкупно инвестирале во земјава 6 милијарди евра, од што само минатата година 250 милиони евра, од што во најголем дел станува збор за реинвестирана добивка.
Од анкетираните компании, две третини, или 70 отсто лани го зголемиле обемот на работа, а 30 отсто имале намален обем на работа, што се должи на помали нарачки, или проблеми со работната сила и нарушените синџири на снабдување.
Во однос на работната сила, односно можноста да се најде квалитетен кадар во земјава, дури 89 отсто од компаниите посочиле дека имаат проблем да најдат работна сила.
Дури 90 отсто од компаниите лани ги зголемиле платите на вработените и тоа во просек за 10,5 отсто.
Во однос на платите, странските инвеститори сметаат дека тие треба да растат врз основа на економските резултати, а не со политичка одлука.
Ѓорѓи Тренковски од „Кромберт и Шуберт“ рече дека проблемот со работната сила ќе се зголемува, при што нагалси дека во Пелагонискиот регион во наредните пет години се очекува бројот на лица на возраст од 61 до 65 години да биде поголем од оние на возраст од 24 до 29 години, односно дека оние кои ќе заминуваат во пензија ќе бидат помногубројни од оние кои ќе бараат работа. Во Европа, како што додаде овој проблем е уште поизразен.
„Ова е можеби првата тема за која што треба да расправаат надлежните“, рече Тренковски.
Странските инвеститори исто така се осврнаа и на проблемите со одобрувањето и доделувањето на државна помош, за која рекоа дека е потребно да има унифицирани правила и дека е најдобро за неа да има една точка низ која би се водела целата постапка, како и дека треба да се размисли и за државна помош за задржување на работните места и за зголемување на платите.
Како што посочи директорот на „Амфенол“ – Кочани, Сашко Наков, 73 отсто од анкетираните компании бараат принцип на “уан стоп шоп,“ односно еден соговорник или локација која ќе се занимава со проблематиката на грижа за странските инвеститори.
Само седум отсто од анкетраните компании рекле дека се задоволни од грижата (афтер кеар) која надлежните институции ја имаат за странските инвестиции, додека 19 отсто биле делумно задоволни, иако, во анкетата, меѓу другото е наведено и дека кај инфрастуктурата има подобрување.
Како најголеми пречки за водење бизнис минатата година, странските компании ги навеле зголемувањето на оперативните трошоци, потоа бирократските процедури и законската непредвидливост, односно честото менување на законите, но и недостигот на работна сила. (М.Ј.)