Водата од Охридско Езеро се испушта за да се исчисти Црн Дрим


Краткотрајното испуштање вода од Охридско Езеро е поради чистење наноси во Црн Дрим преку проект на УНДП и во моментов нивото на езероте е на седум сантиметри над минималната кота. Работите успешно завршија и вчера при кота на Охридското Езеро 693,17 метри надморска висина заврши понатамошното намалување на нивото, информира АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

-Зголеменото испуштање вода во изминатите дваесетина дена беше преземено во интерес на олеснување на најавените активности за отстранување на повеќе од 10.000 кубни метри нанос од песок и друг материјал на истекот на реката Црн Дрим. Проектот на чистење е финасиран од УНДП и одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Општина Струга, велат од ЕСМ.

На барање на изведувачот на работите, додаваат, АД ЕСМ како имател на водостопанската дозвола за користење на водите на Охридското Езеро за производство на електрична енергија, а согласно на тоа и регулатор на истекот, обезбеди максимален истек на вода со што беше овозможено непречено извршување на работите кои се во интерес на целата заедница.

-Работите успешно завршија, и вчера при кота на Охридското Езеро 693,17 метри надморска висина заврши понатамошното намалување на нивото. Дозволените коти на Охридско Езеро согласно Водостопанската дозвола на АД ЕСМ се движат од 693,75 до 693,10 метри надморска висина, посочуваат од ЕСМ.