Во земјава само десет отсто од слепите лица го знаат Брајовото писмо


Слепите и лицата со оштетен вид во Штип за првпат ги добија сметките за вода со Брајово писмо. Оваа вест беше една од попозитивните во 2023 година. Иницијатор за остварување на ова право е претседателот на Здружението на слепи лица за општините Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче, Драги Витанов.

Во Штип од 85 членови на ова Здружение само пет лица ги добиваат сметките за вода на Брајово писмо. Витанов, иако на почетокот работеше на својата стара машина, не му беше тешко да ги изготвува овие сметки за своите членови.

– Работам на една стара машина и многу е напорно тоа. Ако не успееме да завршиме работи за користење на единствениот принтер на Брајово писмо во Штип, ќе продолжам да работам со старата машина и покрај тоа што имам големи проблеми, а тоа е што секоја сметка е уникатна, мора посебно да се отслика, да се испринта. Така што напорно е тоа и не е баш лесна работа, вели Витанов во разговор за МИА.

Тој очекува и се надева дека заедно со директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков ќе го активираат единствениот современ принтер на Брајово писмо во Штип, којшто треба да овозможи брза изработка на сметките за слепите лица. Малиот број на опфатени лица со овој позитивен проект не е заради техничките можности, туку, како што вели Витанов, поради тоа што само осум слепи лица или 10 проценти го знаат Брајовото писмо.

– Тоа е и процент на ниво на Македонија. Во Штип сега засега направивме пет сметки на Брајово писмо, пет месечни фактури заедно со комуналното претпријатие „Исар“- Штип. Се договоривме со директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков да го тоа почнеме тоа. Тоа го дадовме како идеја на 15 октомври на Светскиот ден на слепите лица и првите сметки се испечатени на Брајово писмо, вели Витанов.

Членовите кои го знаат Брајовото писмо се задоволни што конечно самите можат да си ги прочитаат сметките и да видат колку имаат да платат за потрошената вода за пиење и собирање смет, како и самите да отидат до пунктовите на ЈП „Исар“ и да си ги платат, а не како што било низ годините да бараат помош и да чекаат некој да им ги прочита сметките. Но, загрижува фактот што само 10 проценти од членовите го знаат Брајовото писмо.

– Кога јас бев ученик во училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје, во специјализираното училиште за слепи лица, беа околу 200 ученици или поточно 178 ученика, сега таму дали има 10 проценти од оваа бројка што значи голем број од слепите лица не се решаваат таму да одат на училиште, вели Витанов.

Тој посочува дека и децата во ова училиште не го учат Брајовото писмо, туку се насочени кон новите современи информатички алатки, а голем дел од учениците кои имаат проблеми со видот се опфатени и во инклузивното образование, односно децата кои имаат проблеми со видот се вклучуваат во редовната настава во училиштата.

-Помладите членови од нашето Здружение, конкретно од Штип, Радовиш, Пробиштип, Карбиници и Конче не ја користат таа технологија. Овде во Штип тројца-чевторица членови се активни и работат и се служат конкретно со информатиката и со компјутерите, посочува Витанов.

Во време на пандемијата, слепите лица беа оставени сами на себе, особено за време на карантините кога имало случај во радовишко каде слепо лице неколку дена беше оставено само, без да му бидат обезбедени прехранбени производи.

– Тоа е проблем кој се провлекува и навистина е тешка ситуацијата. Во некои места има членови кај кои се јавува депресија и тоа е навистина голем проблем. Сега е подобрена ситуацијата. Имавме едно лице во радовишкиот дел, слепо лице кое три дена остана без јадење. Значи тоа се големи проблеми со коишто се соочуваме, потенцира Витанов.

Тој и членовите на Здружението на слепи лица го гледаат решавањето на проблемот во отварање на центри за слепи лица каде ќе бидат сместени 24 часа, слично како домовите за стари лица.

– Таму би биле вработени пред се асистентите, кои и онака ги опслужуваат и многу полесно и безболно ќе ги поминуваат деновите. Вака, дома сами, во четири ѕида е страшна работа. Повторно ќе речам имаме ситуација, некои лица да доаѓаат и до депресивна состојба, рече Витанов во видео разговорот снимен во прес-центарот во Штип.

Слепите лица тешко доаѓаат и до работа, струката телефонист на централа во институциите изумира. Во овој регион има четири невработени слепи лица, од кои двајца се со занимање физиотерапевт.

– Можат да работат, но нема ситуација за нивно вработување, зошто е така не знам или пак дали е исполнет бројот на физиотерапевтите тука во Штип и дали навистина нема простор за нивно вработување. Со ова треба малку повеќе да се позанимаваме. Другите лица се со виша школа, некои со факултет, меѓутоа едноставно за слепите лица нема работа и не ги вработуваат, вели Витанов.

Тој ги потсети општините дека во минатото имале обврска да вработуваат лица со инвалидност, а во моментот, како што вели, во локалните институции нема вработени слепи лица или со инвалидност. Тој како претседател на Здружението на слепи лица најави дека на оваа тема ќе разговара со градоначалниците на општините, претседателите на советите, претставници на претпријатија со цел да се овозможи вработување на овие лица.

Здруженијата на слепи лица во земјава добиваат минимални средства за активностите. Државата финансиски им помага, но дополнително и општините.

– Дел од средствата за активности на Здружението низ Македонија се помош од државата, преку Министерството за труд и социјална политика. Тие средства се доставуваат до Сојузот, а од страна на Сојузот, по некој клуч ги распределува по здруженијата. Меѓутоа, ќе кажам дека тоа се мали средства, конкретно за нашето Здружение се 16.000 денари месечно. Тоа се мали средства, затоа што Здружението на слепи лица кога организира активности ги организира за своите членови, но со нив мора да има и придружници, бидејќи тоа се лица кои не гледаат, вели Витанов.

Посочува дека на тој начин трошоците се дуплираат но, како што вели, тука се локалните самоуправи кои финансиски им помагаат, за што се заблагодарува на општините Штип, Радовиш и Пробиштип.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија му се придружува на остатокот од светот и организациите во Македонија на 03ти декември да го одбележи Меѓународниот ден на лицата с

Сообраќајни знаци на тротоарите поставени без ред и несоодветни пристапи за поминување од едната на другата страна на улиците, се секојдневие со кое се соочуваат слепите лица. Витанов вели дека ред е ставен во централното градско подрачје на Штип, а во разговор со директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски е договорено да продолжи имплементацијата на проектот, односно ставање ред на вертикалната сообраќајна сигнализација.

Слепите лица апелираат и до општините, но и до централната власт кога се градат улици, тротоари и друга инфраструктура да помислат и на нив, бидејќи едни тротоари се повисоки, а други пониски што претставува дополнителен проблем и стрес за нив и за лицата во инвалидски колички.

Витанов и членовите на Здружението на слепи лица бараат и поголема сообраќајна култура од страна на возачите кои своите возила ги паркираат на тротоарите. Посочува дека едно возило паркирано попречно зафаќа по три до четири метри од тротоарната површина, па пешаците и слепите лица се принудени да се симнат на коловозите, ставајќи ги во ризик сопствените животи.