Во вторник ќе се расчисти кој треба да плаќа паушал за парно


Кој треба, а кој не треба да плаќа паушал за парно греење сè уште е нејасно, цел месец по носењето на новата регулатива. Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) ги изготви новите правила за снабдување со топлинска енергија, според кои граѓаните треба да докажат дека исполнуваат услови за ослободување од паушалот за парно пред БЕГ, компанијата снабдувач. Од БЕГ, пак, на поплаките на граѓаните дека има многу нерасчистени ситуации поврзани со новите правила, одговараа дека само го почитуваат она што регулаторот го бара од нив и топката ја враќаат кај РКЕ. А Здружение за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ ги советува незадоволните граѓани да се жалат кај регулаторот сметајќи дека така може да се направи позитивен притисок за расчистување на проблемите. Најмногу реакции кај нив има за случаите кога станот не е празен но во него не живее сопственикот на станот впишан во имотниот лист.

За да не плаќа паушал, правилата предвидуваат исклучениот од парно да докаже дека живее во станот, со имотен лист и лична карта. И кога во станот живее близок роднина (дете или родител) на сопственикот на станот, тогаш од БЕГ не им одобруваат ослободување од паушал. Ист одговор од снабдувачот следува и за становите во кои живеат кираџии, кои користењето на станот го имаат регулирано со договор.

„Цел на регулаторот е да докаже дека станот се загрева, но има различни ситуации. Ние ги советуваме тие граѓани да се обратат до регулаторот“, вели Марјан Ненов од „Но пасаран“.

Но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика е дециден:

„Тие граѓани нема да плаќаат. Единствено исклучените празни станови, во кои никој не живее, ќе плаќаат паушал“, ни изјави Марко Бислимоски.

За пеглање на нејаснотиите, во вторник е закажана средба меѓу регулаторот и „Но пасаран“. Дали потоа ќе следуваат и писмени насоки, кои БЕГ нема да ги толкува туку ќе мора да ги примени или на друг начин ќе се преточи во пракса заложбата за ослободување од паушал на становите во кои се живее, останува отворено.

БЕГ: Нашите активности се согласно новите правила

Од БЕГ, на прашањата поврзани со случаите на разликување на сопственикот на станот од оној што живее во него, не одговараат конкретно туку ги цитираат одредбите од новите Правила.

„Сите наши активности се одвиваат согласно важечките законски и подзаконски акти. Во новите правила за снабдување, доносителот на подзаконскиот акт децидно предвидел дека сопственикот на посебен дел во станбени,
станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на
надоместокот се врши преку еден мерен уред, кој живее или го користи
објектот и е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го
докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист) после
што нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност
(фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува
согласно тарифниот систем за продажба на топлинска енергија. Сопственикот
кој не живее или не го користи посебниот дел за деловни потреби, има обврска
да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност, согласно тарифниот
систем за продажба на топлинска енергија“, одговорија од БЕГ.

(А.С.)