Во Виена почна да сообраќа првиот автобус на водород
Градот Виена го направи првиот голем чекор на патот кон еколошки прифатливо гориво и го претстави својот прв водороден автобус. Во текот на следните неколку месеци, како дел од тест фазата, автобусот на водород ќе сообраќа во мрежа автобуски линии, а од јануари ќе може да го користат и патниците.
Градското јавно сообраќајно претпријатие на градот Виена „Винер Линиен“ веќе неколку пати тестираше водородни автобуси, па во јуни 2020 година, заинтересираните можеа бесплатно да се возат со ова климатски прифатливо возило на линијата 39А. Сега, новиот водороден автобус на Hyundai ќе биде во пробна работа подолго, за да може поддетално да се истестира.
Ќе сообраќа на сите линии, од центарот на градот до ридот Каленберг во 19-от округ во Виена, иако не според воззен ред. Патниците ќе можат да се пријават за бесплатно возење преку веб-страницата на транспортната компанија од 10 јануари 2022 година, бидејќи првата фаза од тест-возењата ќе се одвива без нив. Новиот водороден автобус беше претставен на 9 декември 2021 година во гаражата на компанијата „Винер Линиен“ во населбата Леополдау во 21-та област Флоридсдорф. По тој повод, виенскиот градски концерн „Винер Штадтверке“ ја пушти во употреба првата станица за полнење со водород, која во иднина ќе може да полни автобуси и камиони, со кои Виена досега не располага.
Членот на градската управа на Виена одговорен за финансии и економија, Петер Ханке, претставувајќи ја првата станица за полнење и автобусот на водород, изјави дека тие се пресвртница во заедничката стратегија на Виена во обликувањето на енергетската иднина. Градската енергетска компанија „Виен енерџи“, компанијата за дистрибуција на електрична енергија, гас, централно греење и телекомуникациска компанија „Винер Неце“ и „Винер Линиен“ ги здружуваат силите за да постигнат климатска неутралност до 2040 година, рече Ханке.
Десет водородни автобуси до 2024 година
Возниот парк на Виенското јавно сообраќајно претпријатие систематски ќе се проширува. До 2023 година, на линијата 39А треба да сообраќаат уште пет автобуси со водород, а во 2024 година, десет од нив на таа линија кои ќе ги заменат сите автобуси напојувани со традиционални горива. Благодарение на метрото и трамваите, 80 отсто од јавниот превоз во Виена веќе е без емисии на јаглерод, а вклучувањето на водородни автобуси во сообраќајот треба да го зголеми процентот, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.
Нов погон за полнење и производство на водород со електролиза
Станицата за полнење на водород и автобусите се дел од стратегијата на Виенската групација претставена во пролетта 2021 година, според која Виена до 2030 година би станала центар за производство на водород во источниот дел на Австрија. Веќе се познати следните чекори во спроведувањето на оваа стратегија. Уште еден полнач и фабрика за производство на водород со електролиза на вода ќе бидат изградени во виенскиот 11-ти округ Симеринг. Изградбата на централата со моќност од 2,5 мегавати се планира да започне во втората половина на 2022 година, а „Виен Енерџи“ следната година таму ќе произведува „зелен водород“, односно електрична енергија за електролиза ќе се добива од обновливи извори на енергија.