Во Тирана протестен марш по убиството на 14-годишниот ученик, побарано оставка од министерката за образование


Во Тирана денеска се одржа двочасовен мирен протестен марш за убиството на 14-годишното момче, кое го шокираше целото албанско општество.

Ученици, родители и други граѓани носеа транспаренти, а на еден од нив пишување „неодговорните институции убиваат“. На крајот од протестниот марш на ѕидовите на Министерството за образование оставија отпечатоци од рацете со црвена боја што ја симболизира крвта.

-Главната порака на родителите и учесниците на протестот беше барањето за оставка на министерката за образование Огерта Манастрилиу, која ја сметаат за одговорна за трагичниот настан и за состојбите во образованието. И дадоа рок до викендот да поднесе оставка, во спротивно следната недела предупредија на нов протест, објави А2 Си-ен-ен (A2CCN).

Дел од родителите во изјави за медиумите обвинија дека надлежните немаат никаков план-мерки и по трагичниот настан, дека има недостиг на психолози во училиштата и оти се многу загрижени, зашто сметаат дека нивните деца се небезбедни.

-Многу сме вознемирени, погодени од оваа трагедија. И јас сум мајка. Тоа е многу голема болка. Сочувство до семејството. Мора да се преземе акција. Јас сум без зборови, шокирана, не можам да заспијам. Помислувам на најлошо, зашто сметам дека детето не ми е безбедно, изјави таа за А2 Си-ен-ен.

Според телевизијата ова е прв протест во земјата, на кој учесниците, не бараат повеќе квалитет на образованието, туку поголема безбедност за децата.

Трагичниот настан се случи во понеделникот попладне, во близина на деветолетката „Фан Ноли“ во Тирана, кога 14-годишниот Мартин Цани, млад надежен фудбалер, со шест убоди од нож, од нив еден во пределот на срцето, беше усмртен од негов врсник, а негов другар е повреден во пределот на градите и стомакот, и сè уште е на болничко лекување.

По овој настан премиерот Еди Рама, по вчерашната седница на владата, најави дека се размислува за целосна забрана на Тик Ток или Снепчет.