На секои 16 секунди едно лице умира од корона – бројот на починати од КОВИД-19 надмина еден милион
Бројот на смртни случаи во светот од корона вирусот надмина еден милион лица во вторникот, пробивајќи нова психолошка граница во пандемијата што ја уништи глобалната економија, ги преоптовари здравствените системи и го смени нашиот начин на живот, објави новинската агенција Ројтерс.
Вкупно повеќе од 33,26 милиони луѓе досега биле заразени со корона вирусот во светот, а КОВИД-19 однесе повеќе од милион животи на глобално ниво, покажуваат најновите податоци.
Од првите регистрирани случаи на инфекцијата во Кина во декември 2019 година, до сега повеќе од 210 земји и територии на светот регистрирале заразени од вирусот.
Бројот на смртни случаи како последица од корона вирусот годинава, сега е двојно поголем од бројот на луѓе кои умираат од маларија секоја година.
Според пресметките на Ројтерс засновани на просекот во септември, повеќе од 5,4 илјади луѓе умираат од КОВИД-19 во текот на 24 часа ширум светот. Тоа е околу 226 луѓе на час, или едно лице на секои 16 секунди.
Или, во време потребно да се следи фудбалски натпревар, во просек 340 луѓе умираат од корона вирусот.
Податоците на универзитетот Џон Хопкинс покажуваат дека смртните случаи во САД, Бразил и Индија сочинуваат речиси половина од вкупниот број.
Експертите предупредуваат дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, го нарече ова „болна пресвртница“.
„Сепак, никогаш не смееме да го изгубиме од вид секој живот. Тие беа татковци и мајки, сопруги и сопрузи, браќа и сестри, пријатели и колеги. Болката се множи со дивеењето на оваа болест“ – рече тој во видео порака.