Во среда почнува изградбата на граничниот премин Маркова Нога во Преспа

Први се градежните работи за царинската зграда со придружната инфраструктура. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година


 

Преку најавата на амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, дека на 11 и 12 март ќе ја посети општина Ресен на проекти финансирани од Унијата, се дознава дека во среда и официјално ќе започне изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Герман, кој е чекан со децении и претставува една од обврските од Преспанскиот договор.

Рокас, прфемиерот Христијан Мицкоски и претставникот на УНДП, Армен Григорјан, како ичленови на Владата, официјално ќе го означат започнувањето на градежните работи за царинската зграда со придружната инфраструктура (канцеларија на осигурителната компанија, јавни тоалети, резервоар за вода, нова станица за третман на вода кај трафостаницата, три пристапни патишта, паркинг) кај новиот граничен премин Маркова Нога – Герман. Маркова Нога е најјужната точка на Македонија.

Работите, вредни 2 милиони евра, се дел од финансиската програма „ЕУ за Преспа“, кој изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84% се обезбедени од Европската унија, а остатокот се од националниот буџет. „ЕУ за Преспа“ се спроведува преку 2 договори за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира националната царинска управа. Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија финансирана од ЕУ (вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и 114.136 евра од општина Ресен) за финансирање на градежните работи од двете страни. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.

Во Општина Ресен се финансираат неколку проекти од ЕУ. Во Царев Двор основното училиште „Браќа Миладиновци“ ја зголемува својата енергетска ефикасност преку грант финансиран од ЕУ наречен „Зелениот дух на Преспа“. Подоцна, амбасадорот Рокас ќе ја посети црквата „Света Петка“ во Брајчино, каде фреските треба да се зачуваат во рамките на ACT4PRESPA, прекуграничен проект финансиран од ЕУ за заштита и конзервација на културното наследство во областа на Преспанското Езеро.