Во среда почнува фестивалот на детски театри „Игор Маџиров“


Под мотото „Ослободи ја својата фантазија“ од 27 до 30 септември ќе се одржи второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

– Минатата година за прв пат се соочивме со овој адреналински предизвик кој за нашата институција значи запишување на мапата на светот на професионални фестивали на детски претстави и на „Игор Маџиров“. Среќни сме што второто издание е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Г. Стево Пендаровски. Упатувам и јавно голема благодарност за покровителството и препознавањето на важност на нашиот фестивал, потенцираше Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.

Свеченото отворање ќе биде со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите: „Шума од песни“ на „Кускус“ Институт арт продукција од Љубљана, Словенија, „Бременските музиканти“ на театар „Бабец“ од Битола, „Ова сум јас“, на театарот „Поко локо“ од Загреб, „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по аладиновата ламба, во продукција на Албански театар за деца и младинци, „Среќна куќичка“ на госитите од Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на Ангелес де трапо од Малага, Шпанија.

– Годинешната програма е посветна на малите театарски форми. Фестивалот и оваа година покрај ГРАН ПРИ наградата доделува Награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, коситмографија, специјална награда. Стручното жири е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, кој ќе биде претседател и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен Претседател на Советот на фестивалот и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на Стеријин театар.

Новитет за оваа година е што воведуваме и детско жири кое ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор.

Од годинава фестивалот „Игор маџиров“ почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности, каде што ќе се одржи работлница за куклен театар наменета за студентите и веќе диполомираните актери и режисери, а истата ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осијек, Хрватска. Во рамките на фестивалот ќе има уште една работилница наменета за деца и наставници, на тема: куклен театар, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.

– Задоволни сме што имавме одлични резултати од минатата година. Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот Игор Маџиров, симбол на детскиот театар воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, затоа што е важен чинител и за публиката и за нас како единствена професионална институција од областа на детско – младинскиот театар, изјави Драган Довлев, претседател на Советот на фестивалот.

Фестивалот годинава е поддржан од Минситерството за култура. Претставите се изведуваат на сцните на ТДМ, Театар Комедија, МНТ, Албански театар за деца и млади. Цената на билетите е 200 денари.