Во Србија се апсат антиваксери поради ширење паника


Српската полиција, по наредба на обвинителството, утрово ја уапси Јована Стојковиќ под сомнение дека сторила кривично дело предизвикување паника и немири со ширење лажни вести и објави на социјалните мрежи против вакцинацијата.Како што јавија српските медиуми, во тек е голема полициска акција против таканаречените „антиваксери“, во која се уапсени пет лица. Како што јави досписникот на МИА од Белград, ова е само почеток на акцијата за приведувања на антиваксери.

Претседателката на движењето „Живеам за Србија“, лекарката Јована Стојковиќ попладнево ќе биде приведена во Палатата на правдата на сослушување во Обвинителството за високо технолошки криминал, јавија некои од српските медиуми. По сослушувањето ќе биде познати дали обвинителството ќе бара од судот да и одреди некоја мерка за забрана или притвор.

Според медиумите, Стојковиќ е позната по своите антивакцинални ставови и ставови кои се во спротивност со сите официјални препораки и мислења на медицинската струка.Сопругот на Стојковиќ по распитот во полиција е пуштен да се брани од слобода и, како што изјави, против него е поднесена кривична пријава за попречување на службено лице во вршењето на своите должности, бидејќи го снимал претресот во нивниот дом и се расправал со полицијата.  Јована Стојковиќ го пренесуваше во живо на социјалните мрежи претресот, дискусијата и навредите кон полицијата, а по претресот беше приведена.

Сестрата на кошаркарката Милица Дабовиќ, Јелена Дабовиќ, исто така утрово е приведена на распит, во акцијата против антиваксерите. По распитиот Дабовиќ изјави дека е приведена поради сомнеж дека на социјалните мрежи објавувала содржина против вакцините, потенцирајќи дека „само споделувала објави на други луѓе, како што тоа го прават милиони граѓани“, пренесоа белградските медиуми.

Доколку обвинителството одлучи да започне истрага против антиваксерите, тие може да се соочат со можност да бидат осудени на максимум пет години затвор за ширење паника.Против Јована Стојковиќ се води постапка и пред Судот на лекарската комора на Србија, бидејќи пет лекари пријавиле прекршување на етиката и анти-вакциналните активности.

Важно е да се напомене дека Стојковиќ постојано ја истакнува својата титула доктор на медицината, поради што нејзиниот авторитет се зголемува во јавноста, а од друга страна, кога била повикана на одговорност со образложение дека лекар не смее да пропагира недокажани медицински ставови, Стојковиќ се бранеше ддека нејзиниот „граѓански активизам нема никаква врска со Лекарската комора на Србија“ и дека станува збор за „постапување на граѓанин надвор од работното време“.