Во Србија изработен просторен план за гасна интерконекција со Северна Македонија и ставен на јавен увид


Во Србија е изработен и ставен на јавен увид планот за израдба на двонасочен гасовод долг 146 километри, кој ќе обезбеди меѓусебно поврзување со гасоводниот систем на Северна Македонија и предуслови за гасификација на градовите и општините во јужна Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Српското министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура го стави на ран јавен увид просторниот план за посебна намена со елементи на детална регулација за магистрален гасовод МГ 14 Грч Орљане-Лесковац-Врање-граница со Република Северна Македонија, соопшти бизнис порталот еКапија.

Според документот што го подготви Институтот за архитектура и урбанизам на Србија, гасоводот ќе биде долг 146 километри.

Главната цел на креирањето на Просторниот план е изградба на магистрален гасовод за јужна Србија, кој ќе обезбеди меѓусебно поврзување со гасоводниот систем на Република Северна Македонија и предуслови за гасификација на градовите и општините во јужна Србија.

Положбата на коридорот на планираниот гасовод е таква што се избегнува минување низ густо населените места. Меѓу поголемите населби во непосредна близина на коридорот се Дољевац, Врањска Бања, Врање и Бујановац.

Линеарниот дел од двонасочниот магистрален гасовод МГ14 е планиран како едноцевен систем кој е целосно поставен под земја.

Гасоводот ќе се поврзе со постојниот главен дистрибутивен јазол (ГРЧ) „Орљане“ кој се наоѓа југозападно од населбата Орљане во општина Дољевац, а крајот на гасоводот е интерконекција на гасоводот на граница на Република Србија и Република Северна Македонија.

Планираниот гасовод е со максимален работен притисок до MOP=55bar и се планира да биде изведен од челични цевки со пречник од DN500.

Составен дел на идниот гасовод ќе се состои од две главни мерно регулациони станици – ГМРС „Владичин Хан“ и ГМРС „Врање“, како и 6 блок станици и други потребни објекти и инсталации.

Гасната интерконекција на Србија со Северна Македонија договорена е во 2021 година.

Во април годинава ресорната министерка Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ соопшти дека Србија почнала со изработка на просторно-техничка документација за изградба на оваа гасна интерконекција.

На крајот на мај, Владата на Србија донесе одлука за изработка на Просторен план на област со посебна намена со елементи на детална регулација за магистрален гасовод МГ 14 ГРЧ Орљане – Лесковац – Врање – граница со Република Север. Македонија.

– На овој начин се отвора можноста за снабдување на пазарот со природен гас и од други извори на снабдување, и би се реализирала идејата за пазар на природен гас од Договорот за основање на Енергетската заедница се реализираше во пракса – соопштија тогаш од владата.