Во Собранието седници ќе одржат повеќе комисии
– Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за европски прашања, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за одбрана и безбедност, како и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за европски прашања ќе го разгледува Предлогот на законот за високи раководители, во прво читање, додека Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе ги разгледува – Предлогот на законот за користење на енергијата од обновливи извори и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, исто така во прво читање.
Со измените на Законот за возила, се утврдуваат условите за пуштање на пазар и почетокот на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата. Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за возила е да се прецизира постапката за добивање овластување на правно лице за вршење технички преглед на возила да врши продолжување на регистрација на возила и се предвидува основ за донесување подзаконски пропис со кој поблиску ќе се уреди вршењето на работите за продолжување на регистрација на возила.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ги разгледуваат Предлог на закон за судска служба и Предлог на закон за јавнообвинителска служба, во прво читање. Со предлог-законот за судска служба се уредува посебниот статус на вработените во судската служба и тоа посебните државни службеници- судски службеници, државните службеници, судската полиција и помошно техничкиот персонал. Предлогот на закон се заснова врз начелата на законитост, професионалност, одговорност, ефикасност, економичност и транспарентност.
На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е предлог на закон за оружјето, во прво читање. Со предложениот закон се врши дефинирање на голем број поими кои се користат во Законот кои се целосно усогласени со ЕУ регулативата, како и целосно ревидирање на одредбата која се однесува на категоризација на оружјето, а со цел усогласување со европската регулатива од областа на оружјето.
Со Предлогот на Законот, исто така, се вршат и техничко-терминолошки прецизирања на Законот, надминување на практичните проблеми со кои се соочуваат надлежните служби на Министерството за внатрешни работи, како и содржинско и нормативно-правно унапредување на законските решенија во правец на нивна доследна практична примена.