ДУИ со забелешки за одбележувањето на 35 години независност


Владата го објави спотот со кој има намера да ја одбележи 35-годишнината од независноста на државата. Но, наместо овој јубилеј да ги претставува сите граѓани и заедничкиот пат на државата, Владата избра да прикаже исклучиво македонска верзија на нејзината историја, се наведува во соопштението од ДУИ.

Од ДУИ забележуваат дека спотот е само на македонски јазик, уметниците се Македонци, а  Албанците практично не постојат во приказната што Владата ја подготвила за 35-те години на државата.

Уште повеќе, една од централните фигури во спотот е Игор Дурловски, име директно поврзано со настаните од 27 април 2017 година, кога толпа насилно влезе во Собранието по изборот на првиот Албанец претседател на Собранието, се вели во реакцијата.

Од ДУИ посочуваат дека уште позагрижувачко е она што Владата одлучила да го избрише од историјата.

„Во спотот ја нема Охридската мировен договор – документот што стави крај на војната во 2001 година и ги постави темелите на мултиетничкиот карактер на државата. Го нема членството во НАТО – едно од најголемите стратешки достигнувања на земјата.  Ја нема Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори“, велат од ДУИ, додавајќи дека избришани се токму историските моменти што ја трансформираа државата од етнички проект во заедничка држава, што ја закотвија во НАТО и што го отворија патот кон Европската Унија.

„Овој спот, всушност, е најточната фотографија на оваа Влада: Влада на исклучување. Албанците можеби ги има на списокот на министри, но ги нема во приказната на државата. Ги има како имиња и бројки како декор, но не и како присуство, влијание и фактор во носењето одлуки“, реагираат од ДУИ.