Албанските партии го слават Охридскиот договор како македонските Илинден – раскарани и одделно


Албанските партии го слават Охридскиот договор како македонските Илинден – раскарани и одделно. Според најавите што стигнаа денес од манифестацијата во организација на Владата, на свечената владина седница за Рамковниот договор и на централната манифестација нема да присуствува Али Ахмети, бидејќи ДУИ не сака да биде дел од прослава организирана од Иван Стоилковиќ.

Практично, како и ВЛЕН претходно додека ДУИ беше на власт, кој не сакаже да биде дел од „свадбите“ организирани од Артан Груби, сега ДУИ не сака да биде дел од прославите на главниот политички ривал, бидејќи така не функционира демократијата во Македонија. Уште повеќе на прославата нема да присуствува ни премиерот Христиијан Мицкоски кој е на „екскурзија“, исто како што Африм Гаши не присуствуваше на Илинден – бидејќи имал поважна конференција во Египет.

Годишнината на Рамковниот договор инаку ќе се одбележува под мотото „25 години и понатаму“ во организација на Министерството за односи меѓу заедниците, со поддршка од Владата, најпрво со меѓународна панел-дискусија, а потоа со свечена седница и културна манифестација на Камениот мост.

– Утре, на меѓународната панел-дискусија ќе се одржат три панели на теми „Охридскиот рамковен договор и патот кон евроинтеграциите“, „Иднината на Охридскиот договор и градење стабилен мир“ и „Децентрализација и локален развој како столбови на демократијата и општествената стратегија“. На панелите ќе се обратат копретседателите на Вреди Изет Меџити и Билал Касами, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати, потоа Костадин Костадинов, Азис Положани и претставници од ОБСЕ. На 13 август ќе се одржи свечена владина седница што се организира трета година по ред, на која свое обраќање ќе имаат вицепремиерите Беким Сали и Александар Николовски. Вечерта, на 13 август, на Камени мост ќе се одржи централната манифестација со модерна и класична музика – ни изјави Венера Љатифи Азизи, портпаролка на Владата.

На централната манифестација се поканети сите пратенички групи,но бидејќи буџетот и организацијата за овој настан беа определени кога Стоилковиќ беше министер за односи меѓу заедниците, ДУИ најавија дека најверојатно нема да учествуваат. место тоа, под покровителство на Ахмети, ДУИ ќе ја одбележи 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор со документарец и панел-дискусија во „Александар палас“.

– Централен дел од програмата ќе биде панел-дискусијата, со учество на истакнати личности, протагонисти и директни сведоци на настаните од 2001 година. Охридскиот договор ќе биде разгледан не само како историски настан, туку и како лекција за разбирање на сегашноста и градење на иднината, при што ќе се анализира и зошто тој претставуваше најдоброто мировно решение за завршување на војната од 2001 година. 25 години по 13 август, ја паметиме историјата, ја анализираме сегашноста и извлекуваме поуки за иднината – велат од ДУИ.

Очекувањата се Ахмети во обраќањето да потсети на неговата заложба да не се подели државата, односно дека ја одбил таквата понуда и се определил за унитарна и мултиетничка Македонија и дека сите години по Договорот инвестирал во изградба на мултиетничка Македонија. Затоа пак ќе инсистира институциите да не го уриваат Рамковниот договор, затоа што иднина има само со соработка и заемно почитување.