Партијата на Турците ги осуди заканите кон Ерол Ризаов
Партијата за Движење на Турците – ТХП со сериозна загриженост ги следи последните случувања поврзани со заканите и повиците за насилство кон новинарот и писател Ерол Ризаов.
-Сметаме дека заканите кон новинар, особено кога се проследени со говор на омраза, навреди и етнички мотивирани пораки, не се само напад врз една личност. Тие претставуваат сериозен удар врз слободата на мислата, слободата на изразување и слободата на медиумите, а со тоа и врз демократските темели на нашето општество.
Во демократско општество никој не смее да биде загрозен затоа што има различно мислење, затоа што ја критикува власта или затоа што неговиот став не им се допаѓа на одредени политички или општествени кругови.
Особено загрижува фактот што во јавниот простор сè почесто се нормализираат навреди, закани и говор на омраза со етничка конотација. Северна Македонија е мултиетничко и мултикултурно општество и секое неодговорно поттикнување на етничките поделби може да има сериозни последици врз меѓуетничките односи и врз стабилноста на целото општество.
Затоа, институциите мора да реагираат веднаш, сериозно и без селективност. Надлежните органи треба без одлагање да ги истражат сите закани и повици за насилство, да ги идентификуваат и санкционираат сторителите согласно закон и јасно да покажат дека ваквото однесување нема да биде толерирано.
Денес е загрозен еден новинар затоа што го кажал своето мислење. Утре може да биде загрозен секој граѓанин кој ќе се осмели да зборува поинаку. Токму затоа, одбраната на слободата на мислата и изразувањето не е прашање само на новинарите, тоа е обврска на целото демократско општество.
Партијата за Движење на Турците – ТХП останува цврсто посветена на демократските вредности, слободата на изразување, медиумскиот плурализам, меѓуетничката толеранција и еднаквоста на сите граѓани.