Во рамки на европска истрага за даночни измами запленети средства од над 28 милиони евра


Финансиската полиција од италијанскиот град Равена заплени средства во вредност од над 28 милиони во рамки истрагата на Европското јавно обвинителство за измама со наплата на ДДВ од големи размери. 

Како што соопшти Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), станува за истрага поврзана со даночни измами во кои биле вклучени над 70 компании од неколку земји членки на ЕУ, Швајцарија и холандскиот карипски остров Курасао. Истрагата е покрената откако се воочени „ненормално ниски цени“ за производство и дистрибуција на софтвер и ИТ опрема. 

Истражните органи утврдиле дека компанија од Равена издала лажни фактури во вкупна вредност од над 128 милиони евра, со што државата била оштетена за над 27 милиони евра од помала наплата на ДДВ. 

Друга компанија со седиште во близината на Рим евидентирала фиктивни трансакции во износ од околу 53,5 милиони евра, со што се проценува дека се затаени околу 12 милиони евра од наплата на ДДВ. 

Запленетите средства од над 28 милиони евра, вклучуваат суми на банкарски сметки, полиси за осигурување, недвижен имот и акции.  

Засега не се соопштени повеќе детали за истрагата која продолжува со цел идентификување на евентуални дополнителни осомничени и целосно доразјаснување на обемот на измамата. 

Во надлежност на Европското јавно обвинителство се истраги и гонење на лица и субјекти за сторени кривични дела поврзани со финансиските интереси на ЕУ.