Во Прилеп сѐ е подготвено за почетокот на „Пивофест“
Со многу забава, штандови за дегустација на познатиот пенлив пијалак и вкусна скара, со голем број познати изведувачи од земјава и од Регионот, со новини и во сигурна атмосфера вечер во центарот на Прилеп официјално ќе биде отворена 17-тата по ред голема летна манифестација „Пивофест 2019“.
Организаторите, прилепската локална самоуправа и скопската фирма „Баги комуникации“ уверуваат дека сите гости и посетители кои ги очекуваат во голем број ќе имаат четиридневна врвна забава и весела атмосфера.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, се е подготвено за почетокот и за четиридневното одржување на оваа летна манифестација по која Прилеп станува препознатлив во Регионот.
-Сакам сите да ве уверам дека сме подготвени за почетокот на годинашниов „Пивофест“. Направени се сите подготовки, подготвени се штандовите, главната и алтернативната бина. Безбедносната ситуација во градот е одлична, нема никакви поплаки. Максимално се ангажирани јавните комунални претпријатија. Се е подготвено и со паркирањето на возилата, а годинава новото решение е дека ќе се паркираат од периферијата кон центарот на градот за да има слободно движење за гостите и посетителите на Фестивалот. Подготвен е и камп -просторот за сите кои се чувствуваат авантуристички во Паркот на Револуцијата. Сигурен сум дека во четирите дена ќе имаме одлично организирана и пријатна забава за сите гости кои ги очекуваме од сите страни, рече Јованоски на денешната последна прес-конференција пред почетокот на Фестивалот.
Дел од вечерашните изведувачи веќе се пристигнати и нагласија дека очекуваат и веруваат дека публиката ќе ужива во големата летна забава и во музиката која ќе им ја понудат, меѓу другите и изведувачите: Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив како и рок-групата „Галија“.
На Фестивалот ќе има преку 20 големи штандови и се поставени на површина од 4.131 метар квадратен. Се очекуваат гости од сите градови од земјава како и од регионот.
Во четирите фестивалски дена ќе настапат познати музички изведувачи од земјава и од Регионот. Вечер, на првиот фестивалски ден ќе настапат: „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе заврши со настапот на рок-групата „Галија“. Утревечер, на 19 јули ќе настапат: Ален Хасановиќ, Милер Кузманоски, Кантурови и на крајот Светлана Ражњатовиќ-Цеца.
В сабота, на 20 јули, термините за добро расположение на гостите на Фестивалот се за изведувачите „The Hounds“, Влатко Стефановски-трио, Фрајле, а в недела, на 21 јули, на последниот ден од Фестивалот настапуваат „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Блеград кој изведува џипси-рок низ цел свет, ќе настапи балканската ѕвезда Даниела Мартиновиќ и на крајот е настапот на „Cyrillic“.
Во центарот на Прилеп штандовите с еподготвени, се распалуваат скарите за пријатна атмосфера на посетителите на годинашниов 17-ти по ред „Пивофест 2019“.