Во Пелагонија се спроведува втора фаза на окрупнување на земјоделско земјиште
Консолидација на земјоделско земјиште е државна политика за подобрување на неповолната структура на земјоделското земјиште особено во приватна сопственост, изјави министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
За време на посетата во пелагониското село Логоварди, министерот Димковски рече дека прекумерната расцепканост на парцелите најефикасно се решава со нивно окрупнување.
-Ова е транспарентен процес во кој најважна улога имаат сопствениците на земјоделско земјиште кои директно учествуваат во процесот на консолидација. Секој учесник е консултиран и активно учествува во секоја фаза од постапката. Програмата за консолидација, рече Димковски тековно се реализира во битолските села Логоварди, Оптичари и Трн, но и во селата Соколарци и Спанчево од Општина Чешиново-Облешево, Лешани од Општина Дебарца, село Кожлеод Општина Петровец и селото Дабјани во Општина Долнени.
На средба со земјоделци од селото Логоварди, министерот Димковски потсети дека во тоа село се спроведува втората фаза од процесот на консолидација, односно планирање на распределба на земјоделското земјиште и потребните интервенции во земјоделската инфраструктура.
-Логоварди е многу значајно земјоделско подрачје во пелагонискиот регион кое опфаќа 393 хектари земјоделско земјиште, но е расцепкано на 769 земјишни парцели кои се сопственост на 397 сопственици. Поради оваа расцепканост голем дел од парцелите немаат пристап до пат, а со застарениот начин на одводнување, изложени се на голем ризик од поплави. Затоа, Логоварди е меѓу првите 10 подрачја во државата каде почна окрупнување или консолидација на земјиште, нагласи министерот Димковски.