Во Македонија има 2,1 милион платежни картички, од нив бесконтактни се 68,3 отсто


Граѓаните и компаниите сѐ почесто ги користат придобивките од дигитализацијата на пазарот на платежни услуги, што го покажува зголеменото користење на платежните картички и дигиталните канали за извршување на плаќањата. Статистиката покажува дека бројот на плаќањата преку платежните сметки на корисниците на платежни услуги во државава во текот на 2021 година изнесувал 176 милиони, што е повеќе за 26,7 отсто од бројот на плаќањата во 2020 година, се вели во соопштението на Народна банка од седница на Советот на НБ.

Воедно, во 2021 година е забележан висок годишен раст од 29,1 отсто на бројот на трансакциите со платежни картички, што придонесе за зголемување на нивното учество од 1,1 процентен поен во вкупниот број плаќања, коешто достигна 58,1 отсто. Истовремено, кредитните трансфери иницирани електронски забележаа годишен раст од 32,5 отсто, што придонесе за умерено зголемување на нивното учество (23,2 отсто) во вкупниот број плаќања, за сметка на намалувањето на учеството на кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто учествуваат со 18,7 отсто во вкупниот број безготовински трансакции.

Од аспект на инфраструктурата на плаќањата, бројот на платежните картички на крајот од 2021 година изнесуваше 2,1 милион, при што картичките засновани на бесконтактна технологија коишто овозможуваат извршување брзи и ефикасни плаќања преовладуваа во вкупниот број платежни картички (68,3 отсто). Растот на бројот на контактно-бесконтакните картички воедно беше проследен со истовремен раст на бројот на уредите за извршување бесконтактни плаќања, на уредите на физичките места на продажба коишто поддржуваат бесконтактни плаќања, раст на бројот на банкоматите со функција за депонирање готовина, како и на уредите за електронски трансфер на средства на физичките и виртуелните места на продажба, како поддршка на сѐ поголемата употреба на дигиталните бесконтактни плаќања во текот на пандемијата на Ковид-19.

На редовната седница, Советот на Народната банка ја донесе Програмата на истражувачката активност за периодот 2023 ‒ 2025 година. Истражувачката активност на Народната банка во следниот тригодишен период ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни цели, особено областите како монетарната политика, интеракцијата меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање, финансиската стабилност, макропрудентната политика и банкарскиот систем. За првпат во Програмата за идни истражувачки активности се предвидуваат истражувања во доменот на финансиската инклузија, дигитализацијата и влијанието на климатските промени, како актуелни теми коишто бараат особено внимание. Оваа програма дава основа за изготвување релевантни аналитички и истражувачки материјали, како важен елемент во носењето на политиките, за натамошно осовременување на работењето во НБРСМ, како и за подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки, се вели во соопштението на Народната банка.