Во Летонија приведено едно лице под сомнение дека шпионирал во корист на Русија

Службата за безбедност на Летонија денеска соопшти дека минатиот месец привела летонски државјанин осомничен за шпионирање во корист на Русија.
Приведениот, чиј идентитет не е откриен, „им обезбедувал на руските разузнавачки и безбедносни служби информации за локациите, плановите и безбедносните мерки“ на летонските воени објекти, како и за „изградбата на нови воени објекти, вежбите и присуството на војници од други земји-членки на НАТО, се наведува во соопштението на летонската контраразузнавачка служба.
Осомничениот, исто така, се товари дека доставувал информации „кои можат да бидат искористени против интересите на националната безбедност на Летонија и другите држави од балтичкиот регион.
Приведениот, ако се докаже дека е виновен, може да биде осуден на 10 години затвор и да му биде конфискуван имотот.