Во Калифорнија гори најголемата фабрика за батерии во светот, пожарот тешко ќе се изгасне поради литиумот


Една од најголемите фабрики за производство на батерии за складирање на енергија од обновливи извори на енергија гори во Калифорнија, поради што локалните власти делумно го евакуираат населението.

Властите на округот Монтереј издадоа наредби за евакуација во четвртокот вечерта, откако избувна пожар во складиште за батерии во сопственост на Вистра енерџи, а се подготвуваат евакуации по должина на централниот брег.

Објектот, кој се наоѓа на околу 124 километри јужно од Сан Франциско, е во сопственост на компанијата Vistra Energy со седиште во Тексас и содржи десетици илјади литиумски батерии.

Овие батерии се клучни за складирање на енергија од обновливи извори како соларни панели, но може да биде исклучително тешко да се изгаснат пожарите што се појавуваат кога ќе се запалат поради хемиските својства и составот на литиумските батерии.

„Вистра енерџи“, која ја поседува електраната на природен гас „Мос Лендинг“ и соседниот објект за литиум-јонска батерија на брегот на округот Монтереј, потврди за американските медиуми дека во четвртокот попладне избувнал пожар во една од нејзините фабрики за производство на батерии и дека персоналот бил евакуиран. Поради опасност од ширење на пожарот, повеќе од 1.500 цивили се евакуирани од непосредна близина на фабриката.

„Причината за пожарот сѐ уште не е утврдена, но истрагата ќе започне откако пожарот ќе се изгасне“, изјави портпаролката на компанијата Џени Лион.

Шерифот на округот Монтереј претходно им рекол на жителите да ги затворат прозорците како мерка на претпазливост. Калифорниската полиција затвори дел од автопатот што минува покрај фабриката.