Во Хрватска утре втор круг од претседателските избори, Милановиќ фаворит


Во Хрватска од полноќ е изборен молк во пресрет на вториот круг од претседателските избори, каде утре, 12 јануари, актуелниот претседател Зоран Милановиќ се бори за својот втор мандат, а за противкандидат го има Драган Приморац.

Милановиќ, кој е поддржан од Социјалдемократската партија и партнерските партии, во првиот круг од изборите на 29 декември освои 49,09 отсто од гласовите, додека кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница Драган Приморац освои 19,35 отсто.

Изборниот молк е на сила до недела до 19 часот, а се гласа на 6.755 избирачки места во земјава и во странство.

Државната изборна комисија ги повика гласачите да не се јавуваат телефонски, да не испраќаат СМС пораки или е-пошта, а кандидатите и нивните предлагачи да се воздржат од објавување на нови пропагандни содржини како статуси, видео клипови, слики или коментари на социјалните мрежи или платформи.

Според последната анкета на РТЛ во пресрет на вториот круг од претседателските избори, Милановиќ ќе добие втор мандат на таа функција бидејќи го поддржуваат 62,5 отсто од гласачите, додека Приморац ќе има поддршка од 27,8 отсто од граѓаните, објавија вчера хрватските медиуми.

Анкетата покажува дека 6,8 отсто од гласачите се неопределени, а 2,9 отсто од нив најавуваат дека ќе го поништат гласачкото ливче.

Кога тие бројки ќе се споредат со истото истражување од минатиот месец пред изборите, Милановиќ сега би требало да освои осум отсто повеќе во вториот круг, а Приморац седум отсто помалку отколку во декември, пишува загрепскиот портал индекс.