Во Хрватска стапи на сила новиот Закон за странци: Од биро за вработување може да се зема надокнада


(Фото: Б.Грданоски)

Во Хрватска од првиот ден на 2025 година ќе стапат на сила бројни нови закони, а најинтересен меѓу нив секако е Законот за странци, кој ќе го регулира односот кон граѓаните од трети земји кои доаѓаат на работа таму.

Имајќи предвид дека голем број работници од странски земји дојдоа во Хрватска во 2024 година, владата на оваа земја донесе закон со кој подобро се регулира овој пазар.

Една од најголемите промени за странските работници во оваа земја е фактот што кога ќе истече договорот за вработување, ќе им биде овозможен период од 60 дена невработеност за да најдат нова работа, што значи дека можат да аплицираат во бирото и да добијат бенефиции за невработеност.

Дополнително, странските работници ќе добиваат иста плата како хрватските граѓани за „споредливи работни места“, а од 1 јануари годинава, кога законот стапува во сила, ќе добиваат и бесплатни часови по хрватски јазик.

Во контекст на учењето јазик, важно е да се напомене дека познавање на хрватски јазик ќе биде услов за добивање дозвола за постојан престој.

Според новиот закон, дозволите за престој и работа ќе се издаваат за период до три години, а за сезонска работа девет месеци.

Промени доаѓаат и во угостителскиот сектор, поточно краткорочните изнајмувања.

Според новиот Закон за управување и одржување на згради, сопствениците на недвижности кои сакаат да ги изнајмуваат своите станови на краток рок ќе треба да добијат согласност од две третини од нивните непосредни соседи.