Во Хрватска ќе се градат четири гасоводи, ќе транспортираат и водород
Хрватската влада денеска го прогласи проектот „Поддршка на инфраструктура за стратешки инвестициски проект ЛНГ Терминал“ за стратешки инвестициски проект, а даде согласност и за преземање на кредитните обврски на ХЖ Инфраструктура, јави Хина.
Проектот „Поддршка на инфраструктура за стратешки инвестициски проект ЛНГ Терминал“ е инвестициски проект на Плинарко. Вредноста на вкупните трошоци, проценети преку материјални и нематеријални средства, изнесува 534 милиони евра без ДДВ.
Се состои од магистрален гасоводен систем на трасата Омишаљ-Злобин, Злобин-Босиљево-Сишак-Козарац и Козарац-Слободница и интерконективен гасоводен систем со Република Словенија на трасата Лучко-Жабок-Рогатец.
Гасоводот Омишаљ-Злобин е поврзан со гасоводите Злобин-Босиљево и Босиљево-Сисак, Козарац-Сисак и ќе го формира главниот гасовод што го поврзува терминалот ЛНГ на Крк со земјите од Централна и Источна Европа и Украина, соопшти министерот за економија Анте Шушњар.
Тој додаде дека изградбата на гасоводот Лучко-Жабок ќе го зголеми протокот на гас од терминалот ЛНГ кон Словенија. „Изградбата на четири гасоводи со вкупна должина од 216 километри ќе ја позиционира Хрватска како регионален енергетски центар и ќе обезбеди нејзина енергетска независност и континуитет и сигурност во снабдувањето со природен гас на домаќинствата и деловните субјекти на територијата на Република Хрватска и други членки на ЕУ“, рече Шушњар.
Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека гасоводите што се градат како дел од проектот ќе можат да транспортираат и водород.